Паркирањето во Кочани – луксуз: граѓаните се снаоѓаат надвор од паркинг зоните, за властите катна гаража е решение

Автор на следниот текст е Лаура Стојанова, студентка на Медиумски студии и односи со јавноста, УГД - Штип. УГД лајф ги објавува текстовите како дел од реализација на праксата на студентите во медиумите во рамките на УГД

ПАРКИРАЊЕТО ВО КОЧАНИ – ЛУКСУЗ: ГРАЃАНИТЕ СЕ СНАОЃААТ НАДВОР ОД ПАРКИНГ ЗОНИТЕ, ЗА ВЛАСТИТЕ КАТНА ГАРАЖА Е РЕШЕНИЕ

Да дојдеш во Кочани и да најдеш слободно паркинг место за своето возило денеска веќе е привилегија. Со едвај 231 регистрирано паркинг место е многу тешко да се најде слободен простор. Од вкупно 100 испитаници голем процент, дури 83 отсто, секојдневно се обидуваат да најдат слободно место за нивното возило, главно безуспешно. Додека Собранието и ЈП Водовод, кои го менаџираат паркинг просторот во Кочани, велат оти „со сите сили барале решение за паркингот во градот“ и сопствениците на такси компаниите се трудат да најдат солуција и за нивниот проблем.

„Не само паркинг места кај нас, нема ниту доволно такси постојки. Затоа и се случува граѓаните да се паркираат на места обележани за такси и обратно. Казни следуваат и во двата случаја“  вели Т.Ј., сопственик на такси компанија во Кочани.

(МН:) Казнува ли МВР?

„Официјални податоци во врска со казните од МВР не добивме, но загрижувачка е огромната бројка на нивната веб-страница која зборува за испишаните казни поради неправилно паркирање. Одговорното лице на паркинг службата во Кочани, Илчо Велков, ни кажа дека недостигаат паркинг места“.

„Во нашиот град нема доволно паркинг места. Зборуваме за обележани паркинг места. Но граѓаните наоѓаат можност и дури 70 проценти од нив своето возило го паркираат на места каде што паркингот не се наплаќа. И тогаш кога ќе се постави катна гаража, бидејќи центарот е мал, сѐ уште ќе има некој 'паметен' за да се паркира на необележан паркинг простор“, вели Велков.

На граѓаните не им се допаѓаат ваквите проценки. Тие имаат своја приказна. Мнозинството од нив, односно 58 проценти, се жалат дека сакаат, но немаат како да си го наплатат паркингот. Велат дека цената од 10 денари, секој работен ден, е пристојна, но секаде не добиваат фискални сметки кога сакаат да платат. Од градскиот паркинг одговорија и на ова. Сметаат дека кој било од трите начини на плаќање: со фискална сметка, со СМС порака или со месечна или годишна купена карта е постојано достапен како алтернатива.

(МН:) Ако не платите добивате блокатор, за да си ја возите колата пак чини 700 денари

Доколку имате пари да возите автомобил и истиот да го одржувате тогаш парите за паркинг услуга не треба да се проблем. За непочитување на правилата се поставува блокатор за чие отстранување треба да се плати 700 денари. Доколку немате фискална сметка или преку смс порака не е регистрирано плаќањето на вашето возило блокаторот не би ве одминал. А, во просек на ниво на Општина Кочани дневно се поставуваат два до три блокатори, што зборува за неодговорноста на граѓаните за користењето на паркинг услугата.

Наплаќањето на паркинг услугата е под поткровителство на Општина Кочани, Собранието и ЈП Водовод. Тоа значи дека од дадени 10 денари за паркинг место, 9 денари завршуваат во Собранието, а еден денар во ЈП Водовод.

„Вработени лица нема доволно, па се бара решение и за овој проблем“, вели Велков.

И општината има што да каже на оваа тема. И тие се за отворање на дополнителни паркинг места, оти не било проблем да се примат нови луѓе на работа, туку каде би работеле.

„Денешниве паркинг места се малку, простор за нови нема доволно. Ако во склоп на ова го додадеме и недостатокот на такси постојки со сигурност може да кажеме дека проблемот и не е така едноставен за решавање“, велат оттаму.

И градското Собрание и Велков се сложни, катната гаража, според нив, е решение за проблемот со паркингот во Кочани.

 

Лаура Стојанова, 072322

Новинарство и односи со јавноста

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…