Интервју со заменик генералниот директор на „Бучим“

Наслов: Николов: Мрената се врати во реката, тоа е доказ дека рудникот работи по највисоки еко - стандарди

Имаме потполна котрола на водата, воздухот и на почвата, тврди заменикот генерален иректор на рудникот Бучим, Николајчо Николов. Откако објаснивме дека станува збор за студентски новинарски проект од штипскиот универзитет, со задоволство ја профати поканата за интервју и одговори на неколку прашања во врска со рудникот. Вели дека некогашниот сериозен загадувач сега работи гарантирано заштитувајќи ја животната средина. Според Николов, најголем доказ за тоа е што се вратила рибата мрена во реката, која инаку важи за чувствителна и живее во исклучиво чисти води.

Има ли некој од надлежните направено истражување за тоа како работата на рудникот влијае на животната средина?

- Не можеме да кажеме од надлежните, надлежни за влијание врз животната средина сме ние, тука во Бучим. Ние ги правиме сите истражувања и испитувања, и бидејќи досега рудникот работи 40 години, имаме точна статистика како било досега, како е сега и за што се залагаме во наредниот период. Бучим започна со работа во 1979 , кога еколошките стандарди биле поинакви и нормално дека,  дури и во еден, период Бучим беше прогласен за една од жешките еколошки точки во Македонија, како загадувач на животната средина. Реприватизацијата на Бучим е направена во 2005 година, во почетокот, од кога е сопственик меѓународната компанија Солвеј, и оттогаш практично сме и ние раководство и дури работиме според сосема поинакви критериуми. Една од главните цели на рудникот е да се зачува и подобри животната средина, за тоа има докази  и може да се направи увид врз документација, фотодокументација од разни телевизии кои ги имаат снимено условите за работа пред 2005 година и после 2005 година. Една од видливите работи беше зелената вода во Пиљав Тепе. Пиљав Тепе беше познат национален ресторан на Радовиш и е оддалечен 5-6 километри од рудникот Бучим. И таму водата беше зелена, зелена беше поради тоа што ова место е богато со руда, бакарната руда има особина да се раствора со вода, и тогаш кога нема рударски активности, бакарот се раствора и истекува по реките. За  илустрација да спомнеме и за Маденска река, уште пред да постои Бучим водата била зелена, горчлива, не можеле да ја  пијат животните. Значи, нема рудник кој не влијае на животната средина, но има рудници кои го контролираат тоа влијание и да се доведе до услови на пропишани со закон, да не ги надминуваат концентрациите на метали во водите,концентрациите во воздухот и почвата.

Има ли рудникот студија, некаква експертиза за обезбедување на животната средина? Што значи тоа на терен?

- Ние имаме превземено многу мерки. Прво, во 2010 година добивме средства од Кралството Холандија еден милион евра , и нашата обврска беше да вложиме петстотини илјади евра. Со оваа сума на пари почнавме со заштита на животната средина. Овде беше видливо загадувањето на водите. Ние успеавме да направиме затворен циклус, сите води да се прифатат и да се носат во нашето хидројаловиште кое игра улога на таложно езеро, значи металите се таложат и се испуштат преку песочната брана, се испушта вода која е со карактеристика на трета категорија води. Тоа беше првата мерка. Но, кога видовме дека тоа даде резултат, ние инвестиравме дванесет милиони евра и изградивме погон за лужење. Значи, сите тие води ги прифаќаме, површинските и подземните води од коповското јаловиште се прифаќаат и одат на преработка во погонот за лужење кадешто имаме сорпција, екстракција и електролиза, па се добива готов катоден бакар, и ние слободно го нарекуваме економски и еколошки проект. Оттогаш практично почна да се менува нашата околина и веќе во водите нема зелени камења и целосно се прочистени. Тоа е веќе докажано и од рибарите, еден рибар еднаш изјави дека една од најголемите придобивки на Бучим е што се појавила рибата мрена. Рибата мрена важи за многу чувствителна риба и таа живее само во чисти еколошки средини. Тоа е еден конкретен доказ. Што се однесува на прашината во воздухот рудникот има поставено мерни станици преку УГД-Штип кадешто континуирано се мери количината на PM 10 честици и тоа може да се види во мерната станица во Штип. Рудникот врши и контрола на почвата, се зема постојано анализа на почвите, ги анализираме и за сето тоа во зависност од времето кое ни е одредено на еден или три месеци доставуваме извештај до Министерството за животна средина. Инспекторите ги гледаат резултатите, такашто е потполно контролирана средината.Она што го реков дека се загадува ама до граници на она што е дозволено. На хидројаловиштето имаме поставено т.н пиезом метри кадешто се контролира нивото на водите и квалитетот на водите. А, околу лужењето имаме мерни места кадешто еднаш месечно се зема вода за анализа, се контролира, така што имаме потполна контрола на водата, на воздухот и на почвата.

Запознаени ли се граѓаните со официјалните резултати од анализите?

 - Секако. Задолжени сме со записници, со закон, доставуваме до Министерствата добиени резулати. Немаме обврска да доставуваме до граѓаните, но можат да се информират преку Инспекторатот.Имавме и таков случај. Селото Тополница е близу до рудникот. Имавме повеќе состаноци, им презентиравме какви резултати имаме добиено и од водите и од почвата. Значи, ние имаме мерни места за прашината, точно се таложи прашината, така што се е искажано во бројки и тоа на барање на граѓаните можеме да го презентираме. Извештаите можеме да им ги доставуваме на нивно барање секогаш.

Жителите на с. Бучим: ,,Бучим’’ е сериозна закана за регионот, се жалиме но никој не не слуша

 За разлика од уверувањата на раководството на „Бучим“ жителите на истоименото село се револтирани и разочарани. Тврдат дека рудникот за нив е штетен, но и за целата животна околина.

- Не сме задоволни, ама тоа е, нема што да правиме. Се жалиме, ама пак ништо не се направи. Тие се приватни компании и тоа е. Се е оштетено од минисрање. Што и да кажам е залудно. Имаме поднесено и барање до рудникот, ама ништо. И тие ни велат дека водата е отровна, дека не е за пиење. Со вода се снабдуваме од селската чешма, ама и таа е близу до рудникот и, полека, полека, се оштетува. Значи, местото е високо и народот има страв да оди таму. Отприлика еден километар е оддалечена чешмата од селото. Сето тоа е тешко, вели Гулер Јашаров, претседател на месната заедница на село Бучим.

Изготвила: Симона Велкова, 3та година на студии по Новинарство и односи со јавност, УГД Штип

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…