Усогласување со ЕУ директивата за управување со отпад за заштита на животната средина

На 6 мај оваа година Обединетите нации го објавија драматичниот нацрт-извештај во кој потенцираат дека животот на нашата планета е пред масовно изумирање и дека благодарение на човечките активности во многу блиска иднина би можеле да изумрат околу милиони видови.

Масовните изумирања во минатото секогаш биле предизвикувани од катаклизмични настани од големи размери, како удари на големи астероиди или масовни вулкански ерупции. Овој пат причината е човекот. Согласно со ваквите предупредувачки и алармантни извештаи и јасните директиви на Европската Унија би било нехумано доколку речеме дека не сме биле предупредени или не сме биле дел од постепеното и систематско уништување на сопствената планета.

Засновано на насоките на директивите на Унијата, ние како мала држава која се стреми да стане дел од таа Унија треба да ги усогласиме стратегиите и регулативите со тие на Унијата во секој сегмент на живеење, а особено со алармантните сегменти – заштитата на животната средина.

Универзитетот „Гоце Делчев“ како високообразовна и научна институција и Општина Пробиштип следејќи ги иновативните и реформски подвизи станаа дел од проект финансиран од Европската Унија, кој се однесува на заштитата на животната средина во делот – управување со цврст отпад. Реформски подвиг бидејќи не само што Општина Пробиштип во која се спроведува проектот, не само на ниво на цела Република, туку и пошироко општините немаат капацитети за третман на цврст отпад. Од друга страна, до 2020 година Директивата за управување со цврст отпад 98/2008 мора да почне да се применува во секоја држава членка на ЕУ, како и тие држави кои ја усогласуваат легислативата со таа на ЕУ и кои претендираат да влезат во Унијата.

Директивата 98/2008 воспоставува законска рамка за постапување со отпадот во заедницата. Донесена е за да ги дефинира клучните концепти како што се отпадот, отстранувањето на отпадот, сепарацијата на цврст и органски отпад и со суштинско значење е управувањето со отпадот, особено обврската на претпријатијата кои го отстрануваат отпадот. Притоа укажува на потребата да се направи разлика помеѓу прелиминарното складирање на отпадот, третманот и на крајот клучната улога на претпријатијата кои управуваат со отпадот. Оваа директива треба да помогне да се приближи ЕУ до дефиницијата „општество за рециклирање“, со цел да се избегне создавањето на отпад и да го користат отпадот како ресурс.

Општина Пробиштип како пионер во оваа област со Јавното комунално претпријатие ќе се обиде да постави темел на неопходната шема, согласно со Директивата 98/2008 која понатаму може да се преслика во сите општини низ Македонија.

Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…