Проект „Биоотпад“ – се подготвува поставувањето на компостерски единици во Пробиштип

Проектот „Биоотпад“, во кој заедно со странски партнери Универзитетот „Гоце Делчев“ и Општината Пробиштип од македонска страна работат на подобрување во третирањето на отпадот, влегува во фаза која значи практична реализација на зацртаните цели. Тоа значи дека до ноември 2019 година во Пробиштип ќе бидат инсталирани компостерски единици и ќе може отпадот да се селектира, сепарира и обработува и од него да се добива органско ѓубриво.

Во подготвителниот дел на проектот раководителот на проектот „Биоотпад“ - Васко Златковски заедно со експертот за УГД проф. Горги Димов во јуни беа во Кипар на координативна средба со сите партнери на проектот на која имаше и презентација на веќе поставените компостерски единици во Јермасоја.

Фазата на практична реализација на проектот веќе започна со успешно завршената процедура за набавка на опрема (Самостојни компостерски уреди). Започнати се подготовките за монтажа на истите со координативен состанок помеѓу институциите кои работат на спроведување на активностите од проектот „Плаќај колку што создаваш отпад“ (Pay as you throw), финансиран од програмата Balkan Med.

Состанокот беше одржан во два дела. Во првиот дел претставници од Општина Пробиштип, Универзитетот „Гоце Делчев“ и ЈКП „Никола Карев“ ги посетија местата за кои Советот на Општина Пробиштип има дадено дозвола за поставување на компостерските единици. Една од локациите е во непосредна близина на Градскиот пазар и тој уред ќе ги опслужува потребите на угостителските објекти. Втората локација е во УН „Калниште“, во близина на ООУ „Никола Карев“. и ќе биде користена од страна на 100 домаќинства кои ќе се изберат по пат на доброволно пријавување за учество во проектот.

Вториот дел од состанокот беше искористен за утврдување на термини за изведување на договорените подготвителни работи, при што беше договорено ЈКП „Никола Карев“ да испланира и изврши ископ за довод на вода и одвод на отпадни води до и од местото каде што ќе бидат поставени уредите.

До крајот на август ќе се одржи уште една координативна средба, а треба да започнат и градежните работи за поставување на бетонски постаменти на кои ќе бидат монтирани компостерските единици.

Последен пат изменето на Среда, 14 Август 2019 12:57
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…