Проф. д-р Барбареев: Приспособувањето на студиските програми кон потребите на општеството е голем предизвик за УГД

Проректорот за настава на УГД, проф. д-р Кирил Барбареев, како претставник на Универзитетот неодамна на студиски престој во Франција ги разгледуваше можностите за развој на студиските програми во Штип и практиките на Франција за следење и поддршка на студентите за професионално вклучување.

Искуствата што ги споделија претставниците на институциите во Франција покажуваат дека Франција има високоразвиен модел за следење и поддршка на студентите за професионално вклучување и модел за приспособување на универзитетските студиски програми кон потребите на претпријатијата и пазарот на труд.

  • Моделите кои беа презентирани покажуваат дека центрите за кариера се телата кои ја развиваат и спроведуваат политиката на универзитетите, министерствата и пазарот на труд. Од посетените примери може да се види дека центрите за кариера имаат четири клучни задачи: истражувања за потребите на универзитетот, истражувања за потребите на министерствата, соработка со стопанството и соработка со средното образование - изјави проректорот Барбареев.

Моделите на Франција покажуваат дека законските регулативи таму од 2000 година започнуваат да се менуваат, откако се увидело дека образованието е премногу академско. Оттука, во 2007 година е донесен Закон за слобода и одговорност на универзитетите. Преку новите законски решенија започнуваат процеси на формирање на сектори кои треба да бидат врската помеѓу високото образование и вработеноста. Започнуваат процеси и протоколи за препознатливост на дипломите, сертификација, форуми меѓу студентите и претпријатијата на конкретни територии.

Според тамошните практики, француското високо образование за потребите на општеството формира и Агенција за квалитет на дипломите.

  • Согласно со потребите на општеството, формирана е Агенција за мерење на квалитетот на дипломата. Колку реално се препознатливи дипломите на пазарот на труд. Таа Агенција упатува на квалитет. Од друга страна, секој универзитет има т.н. опсерваторија во која се прават анализи, истражувања и други потреби. Тие места имаат и повеќе од 10 вработени, а комуницираат  со повеќе од 18 000 студенти, претпријатија, министерства, средни училишта. Целта и смислата на сите засегнати страни е под мотото „Да развиеме агилни студенти со силни вештини, да поттикнеме промени“ - изјави проф. д-р Кирил Барбареев.

Според проректорот за настава, многу важен аспект во развојот на високото образование на една држава се и средношколците. Важно е да се следат и средношколците за да можат соодветно да се планираат високообразовните политики.

  • Исто така, еден особено важен нов момент е што мисијата на универзитетите во Франција е проширена и покрај наставата и истражувањата денес третиот елемент се средношколците, затоа тие велат „да ги следиме нашите студенти уште од средно образование“. Универзитетите треба да им помагаат на средношколците да направат избор на своето образование. Таа клучна улога ја има центарот за кариера - вели проф. д-р Барбареев.

Покрај стекнатите знаења кои ќе донесат можност за подобро креирање на студиските програми на Универзитетот „Гоце Делчев“, со овој студиски престој УГД воспоставува соработка со врвни универзитети и сериозни институции од Франција кои ќе помогнат во иднина за квалитетно креирање на образовните политики.

Последен пат изменето на Понеделник, 27 Март 2017 15:12
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…