Проф. д-р Блажо Боев: Подготвени сме за новите студенти!

Во понеделник, 14 август, започнува првиот уписен рок за запишување на студенти во прва година на факултетите и академиите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, за академската 2017/2018 година. Ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев на прес-конференција изјави дека Универзитетот е подготвен за новите студенти:

- Јас можам само да кажам дека станува збор за универзитет кој е еден од најдобрите во Р.Македонија, доволно добро место за студирање, а градот Штип е добро место за студентски живот и за стекнување на најдоброто образование во рамките на универзитетите во Р.Македонија. Затоа уште еднаш ги поканувам завршените средношколци да дојдат на УГД, нема да погрешат, ќе изберат вистински универзитет, ќе добијат квалитетно образование. Практично ќе бидат на еден универзитет кој имплементира многу добри образовни практики, со високо ниво на квалитет и со обезбедени сите услови за студирање и непречено школување на идните наши студенти.

Ректорот Боев изјави и дека е добра и состојбата со наставничкиот кадар за покривање на студиските програми, со тоа што се ангажирани и надворешни наставници, што се добри предуслови за реализација на квалитетни студиски програми. Во однос на очекувањата, проф. д-р Боев изјави дека бројката од околу 2.500 студенти е онаа реална која би требало да се очекува:

- Ние, како и лани, мислиме дека, според нашите согледувања кои ги направивме на образовниот потенцијал кој постои во овој дел на Р. Македонија,иако на УГД пристапуваат и студенти од целата држава, како и странски студенти,  мислиме дека бројката од околу 2.500 студенти е онаа нормална и реална, и мислам дека условите со кои располага Универзитетот овозможуваат да се носиме и да правиме квалитетно образование со толкав број на студенти.

Документите за запишување на студентите ќе се поднесуваат во фоајето на Домот на културата во Штип, како и во сите наставни центри – во Скопје, Струмица, Прилеп, Кавадарци, Пробиштип, Кочани и во Виница. Отворена е и електронска платформа на којашто може да се поднесуваат документите.

Последен пат изменето на Петок, 11 Август 2017 08:19
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…