УГД на Совет на докторско образование на Европската асоцијација на универзитети

На покана на Советот на докторско образование на Европската асоцијација на универзитети (EUA-CDE) проф. д-р Ленче Милошева од Факултетот за медицински науки го претставуваше Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.

Годишната конференција на Советот за докторско образование (CDE) се одржа со серија на сертифицирани онлајн сесии и вебинар од 25 до 30 јуни 2020 година. Главна тема беше „Улогата на докторското образование во рамки на европските универзитети“.

Првиот дел од конференцијата започна со сертифициран вебинар насловен „Научни дисциплини и интердисциплинарност во докторското образование“. На вебинарот беа презентирани и дискутирани теми кои се однесуваат на важноста на интердисциплинарноста во програмите за докторски студии и научната соработка.

Вториот дел од конференцијата беше резервиран само за членовите на  CDE и поканети претставници на европските универзитети.

Првата онлајн сесија насловена „Институционални приоди во докторското образование“ се одржа на 26.6.2020 год. Беа презентирани „успешни приказни“ на институционални приоди кои ја адресираат централната улога што ја имаат во докторското образование на универзитетите.

Втората онлајн сесија се одржа на 29.6.2020 год. со главна тема „Иновативни програми и сервиси за поддршка на развој на докторандите“. Фокусот беше на новите стратегии и докторските програми развиени на три европски универзитети како добар пример за поддршка на професионалниот развој на докторандите.
Последната онлајн сесија насловена „Институционални практики за градење на профилот на универзитетите и подобрување на процесите на градење на политики за докторските школи“ се одржа на 30.6.2020 год.

Конференцијата заврши со заклучоци за големата важност од интернационална научна соработка, интердисциплинарност при креирање на докторските програми, добри институционални и владини политики за поддршка и развој на докторските школи и професионален развој на докторандите. Прашања коишто исто така добиваат важност се: развивање на интернационални истражувачки мрежи во кои преку размени и докторски семинари докторандите ги презентираат тезите и резултатите од своите истражувања, како и испорачување на иновативни сервиси за поддршка на професионалниот развој на докторандите. Една од важните и актуелни теми која беше повторно истакната е улогата на докторската школа во рамки на универзитетот и како докторското образование служи за градење на препознатлив интернационален универзитетски профил.

Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…