Интервју со проф. Костадиновска: Земјоделскиот факултет создава  квалитетни инженери-агрономи кои ќе придонесат за добра земјоделска пракса

1. Кои се клучните моменти кои влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Она што е предизвик за секој млад човек е да заврши академски студии и, се разбира, да си го пронајде вистинското место во општеството во насока на која се обучувал во текот на студирањето. По завршување на моите академски студии започнав да волонтирам во лабораторијата на Институтот за јужни земјоделски култури во Струмица, а со тоа да ја продлабочувам мојата желба за истражување поврзана со растителниот свет и сите процеси и промени кои настануваат во земјоделското производство. Имав среќа да ми се отворат вратите на Лабораторијата за заштита на растенијата и животната средина, каде што научив и сѐ уште учам многу методи и техники на лабораториска работа.

2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Мојата потесна специјалност во којашто сум стручна е полето на заштитата на растенијата, конкретно фитоплазматски и вирусни промени кај растенијата. Она што ми беше предизвик во работата беше проучување на непознатото и она што не може да се види со голо око. Земјоделскиот факултет и сите колеги вклучени во наставниот процес имаат мултидисциплинарно знаење и се надополнуваат во своите области на истражување. Тимската работа и комплетната покриеност на сите полиња во областа на земјоделието се голема предност и олеснителна околност за целосно пренесување на знаењето на сегашните и нашите идни студенти.

3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Целта на успехот е големата љубов кон науката, проучување на непознатото, како и лабораторијата која е место каде што покрај сите работни обврски го наоѓам својот период на релаксација преку изведување на лабораториски методи. Зад секој успех на еден млад човек постои ментор – професор, кој доколку правилно ве насочува во работата тогаш го чекорите вистинскиот пат кон успехот. Катедрата за заштита на растенијата и животната средина при Земјоделскиот факултет под раководство на проф. д-р Саша Митрев работи тимски и постигнува големи успеси на научноистражувачко ниво и на ниво на правилно насочување на студентите, кандидати дипломци, магистранди и докторанди.

4. Дали мислите дека постои одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат земјоделски инженери? Кои вештини им се потребни?

Главната цел и мисија на Земјоделскиот факултет е да произведе земјоделски инженери-агрономи кои ќе бидат добри агроменаџери, заштитари, инженери во областа на градинарството, поледелството и лозаро-овоштарството. Љубовта и желбата за студирање се пресудни фактори во оформување на добри кадри, кои понатаму своето знаење стекнато во текот на студентскиот живот ќе го применат и во пракса. 

5. Какви се, според Вас, денешните студенти, во споредба со студентите во минатото?

Денешната младина има поголема предност во текот на студирањето поради поголема и полесна достапност на сите информации, развој на техниката и технологијата, но како приоритет би го споменала флексибилниот и благонаклонет однос на професорите кон студентите. Целта на секој професор е да го доближи знаењето до студентот и да направи еден успешен академски граѓанин кој понатаму ќе придонесува за развојот на земјоделието и производството на здрава храна.

6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

За да се постигне успех во која било работа е потребно да се вложува многу труд, но пред сè многу љубов кон работата за да се постигне одличен резултат. Да се биде универзитетски професор значи да се вложи многу во научното усовршување, знаење, следење на најновите достигнувања од областа која е потесна специјалност, но во исто време треба да се развива и педагошката свест која е многу важен детаљ за успешно изведување на наставниот процес. Добриот универзитетски професор е максимално наклонет кон студентите и им овозможува да имаат студентски период исполнет со знаење, пракса и пренесување на многу искуство со кое произведените профили на земјоделски инженери ќе бидат способни самостојно и одговорно да се покажат на пазарот на трудот.

7. Кои се придобивките од воведувањето на ЕКТС во студиите?

Предностите од воведување на ЕКТС на ниво на секоја единица на УГД се огромни, имајќи го предвид олеснувањето на начинот на студирање, поставување на дисциплински рамки во кои многу полесно се движат нашите студенти. ЕКТС дозволува меѓууниверзитетска соработка и размена на студенти, поминување на еден или неколку семестри на друг универзитет, а на крај најголем бенефит е стекнатата диплома која е призната во рамките на Европа. Преку ЕКТС секој студент си ги знае своите обврски околу присуството на предавања, вежби, самостојна работа, колегијални проектни активности, како и изработка на семинарски (проектни) задачи, теренски (практични) активности, како и завршен устен испит.

8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

За да се задржи активноста на студентот во текот на предавањата и вежбите многу е значаен интерактивниот однос помеѓу професорот и студентите, со што секој студент покрај што е физички присутен се вклучува во размислување и дискусија. Практични лабораториски вежби, изведување на експерименти во лабораториски услови, видеопрезентации се анимациски техники преку кои се постигнува голема соработка од страна на студентите. Следењето на најновите достигнувања во земјоделската пракса преку теренската настава, пренесување на искуствата на стручњаците од терен, придонесуваат студентите да ја имаат вистинската слика во реално време за земјоделието кај нас.

9. Која е Вашата порака до студентите?

Студентскиот период е момент кој е пресуден во оформување на карактерот и особините на личноста, создавање на здрави навики што ќе ги следат цел живот.
Вратите на Земјоделскиот факултет се широко отворени за прием на младиот човек, негово усовршување, дипломирање, но и помош и поддршка по завршување на студиите.

Бидете храбри, одлучни и направете го вистинскиот избор.

Колегите на Земјоделскиот факултет им посакуваат среќа и успех на тековните и нашите идни студенти.

Последен пат изменето на Среда, 16 Март 2016 15:15
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…