Интервју со проф. Страшко Стојановски: Бидете реални, барајте го невозможното

1. Кои се клучните моменти што влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес? 

Тешко е да се издвои единствен момент на влијание, но доколку се навратам, можеби еден од клучните моменти е почетокот на моите постдипломски студии на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Имав среќа да студирам кај исклучителни професори, кои влијаеја да се здобијам со повеќе знаење, но и ми всадија мотивација да напредувам во професионалниот развој. Секако еден од клучните моменти беше и студискиот престој кој во периодот 2010-2011 година го имав во рамките на Катедрата за источноевропски студии на Универзитетот во Виена (Австрија), како стипендист на овој Универзитет.

2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Она што е моја супспецијалност се идеологиите и градењето на колективните идентитети, во прв ред конструкцијата на националната идеологија на Балканот и во Македонија. Но, се разбира, секој научен работник и истражувач еволуира во својата кариера, па така во последните години сум фокусиран и на различни аспекти на мултикултурализмот. Морам да признам дека една од омилените теми за која би сакал да истражувам многу повеќе во иднина се миграциите и миграциските движења, подеднакво поврзани со контекстот на македонското општество, но и како глобален европски и светски феномен. Зошто миграции? За мене најзначаен фактор на проекциите на неговиот развој во иднина се демографските потенцијали кои истото ги носи со себе. Очигледно е дека Македонија, како и поголемиот дел од земјите на Источна Европа, има проблеми со малиот наталитет и големиот степен на механичко иселување надвор од државата. Притоа подеднакво се важни и внатрешните миграции од периферијата кон главниот град на државата. Оттука, многу е важна улогата што ја има Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како сегмент на дисперзијата на високото образование, бидејќи токму образовната централизација во изминатите 50 години, заедно со централизацијата во располагањето со државните ресурси, недоволно развиената инфраструктура низ сите делови на Македонија и бирократската централизација, придонесе за демографска депопулација на источниот дел на Република Македонија.

3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Секако, согласно со профилот на доктор на социолошки науки ми овозможува поширок холистички пристап при проучувањето на општеството. Според предметните активности работам аспекти поврзани со граѓанското општество, социологијата на политиката и правото. Темите со кои ја започнав мојата кариера, што и не беше така одамна, сè уште се предмет на моите истражувања. Како што посочив и во претходното прашање, секој истражувач еволуира, па истото може да се забележи и во мојата работа.

4. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе коишто се создадени да бидат правници? Кои вештини им се потребни?

На ова прашање не би можел да одговорам од позиција на правник, туку како дел на Правниот факултет во Штип. Искрено, не верувам во предодреденост на младите кон некоја професија. Па дури и да се работи за професии за кои условно кажано е потребен талент, како што се уметностите. За успех на секој млад човек се потребни работа и љубов кон она што се работи. За Правниот факултет е потребно да се има одреден квантум на предзнаења од пошироката сфера на општествените дисциплини, во прв ред на политичките науки. Правникот се создава низ студиската програма, но и подоцна преку практичното инволвирање во идните работни активности кои би ги имал како дел од професионалниот развој. Потребна е континуирана надградба, како и во повеќето останати професии. Сепак, она што е добро кај профилите кои излегуваат од Правниот факултет, можеби со исклучок на студентите на новинарство и односи со јавноста кои се тесно специјализирани, е широкиот опсег и можност за градење на професионална кариера во иднина, подеднакво во рамките на државните служби, администрацијата, политиката, но и реалниот приватен сектор.

5. Според Вас, какви се денешните студенти во споредба со студентите во минатото?

Секоја споредба што би ја направил, би била во најмала рака кажано субјективна. Но морам да кажам дека критиките кои секојдневно ги слушаме во насока на образованието и младите денес се неоправдани. Во досегашната работа со студентите морам да истакнам дека имаме одлични, креативни и иницијативни студенти, за кои би ни позавиделе сите универзитети во светот.

6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Повторно зависи од научната дисциплина и областа во која професорот предава. Секоја област си има свои специфики и притоа не може да се направи еквиваленција помеѓу професорите кои предаваат во природните и техничките сфери и оние кои се во општествените и хуманистичките дисциплини. Исто така, зависи од бројот на студентите на кои се предава. Сепак, доколку морам да генерализирам, секој професор мора да поседува одреден квантум на знаење, но и вештина како истото поефективно да го пренесе на студентот. Секој добар професор мора да биде посветен на истражувања и да се обиде во истите да ги инволвира и студентите. Понатаму, фактор на кој многумина не обрнуваат внимание е тоа дека секој професор треба да се обиде да ги мотивира студентите за тие да го дадат својот максимум и, се разбира, не би можел да кажам дека некој е добар професор доколку истиот зад себе на крајот од кариерата не остави публикации кои би дале инпут во општеството и кадровски потенцијал кој ќе ја продолжи неговата работа.

7. Кои се бенефитите на воведувањето на ЕКТС во студиите?

Корисноста е голема доколку ЕКТС се применува онака како што е замислен или како што јас интерпретирам дека е замислен. Потребна е поголема индивидуална работа, особено со подобрите студенти, на кои треба да им се понуди знаење кое ги надминува тесните рамки на наставните курикулуми. Исто така, иако многу е направено, мораме да продолжиме да работиме во правец на практично инволвирање на студентите во наставата. И најважно од сѐ, потребно е да имаме поголема можност за размена на студентите. Нашиот Универзитет, кога се работи за имплементација на ЕКТС, мислам дека има направено најмногу од сите универзитети во Македонија, но во делот на размената јас настојувам да се изгради систем на регионална размена на студенти во Југоисточна Европа, односно преку градење на мрежа за соработка да му се овозможи на секој студент најмалку еднаш во текот на студиите да престојува на некој од универзитетите во регионот. Мислам дека со посветеност ова би можеле да го реализираме на среден рок во следните неколку години.

8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Имам среќа, или несреќа, да покривам содржини со различен карактер. Од социолошки теории поврзани со различни мислители кај кои постои повисоко ниво на апстракција, до теми кои се многу блиски и интересни за студентите.
Доколку сакате да го задржите вниманието мора да постои интеракција, се разбира, доколку истото го дозволуваат предметните содржини. Јас се обидувам, особено деловите на вежбите, да ги реализирам преку работилници и истражувања во кои студентите директно се вклучени. На овој начин се обезбедува и проширување на знаењата кај студентите, но исто така и повисок степен на мотивација, кој не се рефлектира само во односот на студентот по предметите што јас ги покривам, туку воопшто кон пристапот на студирање.

9. Која е Вашата порака до студентите?

Секогаш барајте повеќе. Да не се повторувам, мотивацијата, желбата за успех и, се разбира, континуираната работа се единствениот пат кон успехот. Или да им го пренесам мотото на студентите од доцните шеесетти години на дваесеттиот век „Бидете реални, барајте го невозможното“.

Последен пат изменето на Петок, 18 Март 2016 13:34
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…