Интервју со проф. Фиданка Трајкова: Универзитетскиот професор треба да има високи морални и етички вредности
  1. Кои клучни моменти влијаеja во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Има една анегдота од моето рано детство. Во тоа време имаше една научно-популарна емисија за живиот свет и феномените на природата што ја водеше ботаничарот Дејвид Белами. Ја гледав емисијата со многу љубопитоност и кога ме прашуваа „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“, одговарав „Дејвид Белами. Сакам да знам сѐ“. Подоцна кога ги открив природните науки, посебно биологијата, тоа дефинитивно беше љубовта на мојот живот. Кога дојде моментот да бирам факултет јас немав двоумење, двоумењето беше за моите родители. Поминавме едно жестоко лето во убедување мојата идна професија да биде медицина или која било медицинска наука, па дури и ветерина за моите родители беше поприфатлива и поперспективна опција отколку мојот избор - студии по биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

На крајот мојата желба беше испочитувана, но тогаш им ветив дека ќе им ја исполнам желбата да бидам доктор, но поинаков. И во 2013 година го одржав зборот, но без нивната морална поддршка никогаш немаше да успеам. Трите циклуси од моето високо образование ги поминав во три различни високообразовни институции. Бев едуцирана од домашни и странски професори. Магистерските студии ги поминав во исклучително интернационална средина со интернационални студенти и професори во времетраење од три години. Сите тие искуства го менуваат светогледот, ја развиваат личност и, секако, ги отвораат академските хоризонти. Отворањето на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, каде што започнав да работам како асистент, е еден од поголемите предизвици во мојата кариера. Започнавме речиси од празен лист хартија (или електронска страница) и за помалку од 10 години сите заедно изградивме една препознатлива институција во високото образование, што по многу параметри може да се мери со многу од универзитетите во регионот и пошироко. Она што недостасува во споредба со подобрите од нас треба да е секојдневен предизвик да се постигне, да се надгради и невозможното да стане возможно.

  1. Кои се Ваши омилени теми за предавање? Зошто?

Немам омилени и неомилени теми. Има теми кои се потеоретски и поапстрактни и тие потешко допираат до студентите или, пак, треба повеќе време да бидат совладани. Од друга страна, има теми кои се практични, полесни се за предавање и студентите полесно и побргу ги усвојуваат.

  1. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Од почетокот на моите истражувачки активности во центарот на моето внимание се растенијата. Во последните години мој главен научен интерес се растителната биотехнологија и културата на растителните клетки и ткива, но во правец на овозможување на одржливо земјоделско производство и испитување и креирање на генотипови кои ќе имаат подобри карактеристики во услови на интензивно менување на надворешната средина, во секоја смисла и во секој поглед – од климатски промени па сѐ до креирање на нови технологии кои создаваат нови услови за земјоделско производство. Секако дека научните истражувања не се самостојни и изолирани, туку се дел од тимска работа. За среќа, Земјоделскиот факултет е средина во којашто се прифаќа и тимски се реализира секоја добра и издржана научноистражувачка идеја.

  1. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат земјоделски инженери? Кои вештини им се потребни?

Длабоко во себе верувам дека секој од нас е предореден за нешто. Финтата е дали ќе откриеме и дали навреме ќе откриеме за што сме создадени. Моите студенти секогаш ги потсетувам дека да се биде земјоделски инженер е една од најважните професии на овој свет. Сите ние можеме да живееме без големо материјално богатство и модерни „играчки“, но потребата од храна (гладот) е инстинкт и се задоволува единствено со храна. Оттука и важноста на оваа професија, посебно во 21 век кога популацијата на Земјината топка достигнува 7,5 милјарди луѓе, а површините кои се користат за земјоделско производство се намалуваат како резултат на урбанизација и слично. Најдобрата вештина што треба да ја поседуваат агрономите е љубовата кон тоа што го работат. Сѐ друго се учи и надградува.

  1. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?

Во денешни услови, секако, дека е полесно да се биде студент бидејќи генерално се сменети условите за студирање, почнувајќи од достапноста на материјалите, комуникацијата со професорите, па сѐ до достапноста на високото образование и во смисла на избор и во смисла на географија. Сите овие нешта умните студенти ги земаат како предност и ги користат, оние што не се толку умни ги злоупотребуваат – на нивна штета.

  1. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Ах, тоа треба да ги прашате студентите (се смее). Тие беа анкетирани во рамките на процесот на самоевалуација на Универзитетот, па да видиме што значи добар професор според нив. Во секој случај, во денешно време митската фигура „професор“ повеќе не постои. Студентите имаат пристап до сите информации, од различни извори, така што професорите се многу пореални во споредба со минатите времиња. Но, универзален критериум за добар универзитетски професор е да има високи морални и етички вредности, без разлика каде и на кого предава. 

  1. Кои се придобивките од воведувањето на ЕКТС во студиите?

Секој систем има свои предности и недостатоци. Една од најголемите предности на овој систем е што овозможува континуирана работа и оценување на студентите. Не треба да се изостави и важноста на мобилноста на студентите во трите циклуси на студии во високото образование, со што на студентите им се дава можност за усвојување на знаења и стекнување вештини во други средини, што значи и можност за споредување на нашите професори и услови за студирање со други, подобри или полоши од нас. За недостатоците не сакам да зборувам, бидејќи многу полесно е да се критикува отколку да се најдат начини нештата да се подобрат. Целата академска фела има морална обврска постојано да го подобрува образованието и работата со студентите во рамките на сопствените можности и капацитети. Само така се добива максимум во кои било услови за работа.

  1. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Има одлични научници кои се лоши предавачи и просечни научници кои се одлични предавачи. Да се биде интересен предавач најверојатно е и природна дарба, но и тоа може да се учи и развива. Развојот на информатичката технологија и достапноста на информациите дава многу можности за креативни предавања. Подготвеноста за темата на која зборува еден професор, постојаното ажурирање на предавањата со нови и актуелни податоци и комуникацијата со студентите се само некои од начините студентите да бидат будни и умствено присутни на предавањата. Студентите на Земјоделскиот факултет секогаш се многу радосни и возбудени кога имаме настава надвор од предавалните, во реални услови или кога работиме нешто практично. Но, од друга страна, постојано ги потсетувам студентите дека никогаш не можат да бидат успешни во пракса без да имаат добра теоретска подготвеност.

  1. Која е Вашата порака до студентите?

Да студираат со многу љубов и посветеност. Да научат каде и како можат да дојдат до потребните информации и одговори на нивните прашања. Да бидат критични и самокритични. Само така ќе станат професионалци во својата област. Место под сонцето има за секој кој со љубов и посветеност ја работи својата професија.

Доц. д-р Фиданка Трајкова е професор на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. 

Последен пат изменето на Понеделник, 23 Мај 2016 10:06
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…