Обука за истражувачко новинарство за студентите на новинарство

Организациите Центар за управување со промени и Институт за човекови права, заедно со Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип организираа дводневна Обука за истражувачко новинарство, наменета за студентите на новинарство на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.

Обуката ја водеа новинарите Снежана Лупевска-Созен и Младен Чадиковски, кои се задржаа на истражувачкото новинарство, и адвокатот Лазар Сандев, кој говореше за нормативната рамка, како и прекршувањата на остварувањето на правото на слобода на говор и изразување.

Маја Стојановска, проектен координатор на проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“, изјави дека оваа обука е во рамките на проектот кој започнал да се имплементира пред две години.

- Полека се приближуваме кон крајот на реализацијата на проектот и искрено се надевам дека резултатите и производите кои ги добивме ќе остават еден траен печат во однос на новинарската фела, како и во однос на реализирањето на правото на слободно изразување во нашата земја. На УГД ние реализираме обука за студентите на новинарство од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тие имаат можност да добијат искуства и знаења од страна на Снежана Лупевска-Созен и Младен Чадиковски, новинари со искуство од областа, како и од адвокатот Лазар Сандев кој ќе ја определи правната граница во поглед на слободата на изразување, како и клеветата и навредата, елементи кои во последните години се многу важни за работата на новинарите. Сметам дека овој вид на обуки се од исклучителна важност за студентите, имајќи предвид дека теоријата што ја добиваат на факултетите мора да биде поткрепена со практични искуства на реномирани новинари – изјави Маја Стојановска.

Новинарката Снежана Лупевска-Созен изјави:

- Драго ми е што овде на универзитетот во Штип можеме да разговараме за истражувачкото новинарство со студентите по новинарство, бидејќи тоа се идните генерации на новинари. За жал, истражувачкото новинарство не е толку атрактивно, барем за младите луѓе, но наше е да придонесеме и да им објасниме дека тоа е многу битно за нивната кариера, а многу е важно и за земјава, затоа што ако тоа не постои многу работи нема да можат да бидат откриени и затоа не смееме да ги обесхрабриме. Факт е дека медиумите во Македонија изгубија на квалитет, особено не се работеше на истражувачко новинарство. Од друга страна е лошо што не постојат редакции кои поддржуваат конкретно истражувачко новинарство. Новинарите ја немаат таа комоција да имаат доволно средства, освен ако тие средства не се добиени од донатори, а тие средства најчесто завршуваат во портали и медиуми кои не се толку влијателни. Оваа обука е битна за младите новинари, затоа што тие уште сега се наши колеги, за да препознаат како се прави истражувачка сторија, да знаат кои се изворите, како да ги откријат документите и како сето тоа да го сублимираат, класифицираат и да ја направат истражувачката сторија. Затоа ваквите обуки се добредојдени за нив и се надевам дека ќе им помогнат за кога ќе почнат да работат во редакција да имаат мотив да се зафатат со истражувачкото новинарство. Мојата порака до нив е да не очекуваат дека секогаш ќе ги имаат најголемите државни истражувачки стории. Нека се занимаваат со она што се случува во нивната микросредина, во локалната заедница, она што ги мачи нивните сограѓани, и така да работат за да придонесат да направат некаков притисок во јавноста. Резултати ќе има, убедена сум во тоа, тогаш кога ќе видите дека сте им помогнале на граѓаните и кога јавноста ќе се покрене да го крене својот глас и да се избори со институциите за да ги решат нивните проблеми. И во истражувачките стории фокусот секогаш треба да биде граѓанинот и јавноста.

Студентите од насоката Новинарство на универзитетите „Гоце Делчев“ и „Св.Кирил и Методиј“ се вклучени во проектот повеќе од една година. Според нив, овие обуки се корисни за активностите во понатамошната нивна кариера, за да се оформат не само како новинари, туку и во областа на истражувачкото новинарство.

Последен пат изменето на Петок, 20 Октомври 2017 14:07
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…