УГД понуди бесплатна прва учебна година на Катедрата за македонски јазик и книжевност за сите нови студенти

Сите новозапишани студенти на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во учебната 2020/2021 година ќе студираат бесплатно, информираат од Филолошкиот факултет.

„Во насока на мотивирање на идните студенти, Филолошкиот факултет при УГД - Штип одлучи со сопствени средства да го финансира студирањето во првата учебна година. Ќе се види колкава е бројката на новозапишани студенти на ниво на факултет и не се исклучува можноста да се стипендираат студентите и на другите катедри“, изјави Мишко Џидров, проректор за настава и студенти при УГД - Штип.

Филолошкиот факултет претходно организираше и Конкурс за најдобар есеј и најдобар книжевен превод, при што се доделија ваучери за покривање на партиципацијата за првата година од студиите на кој било факултет при УГД.

„Предвидените средства за овие активности се од сопствени средства од работењето на Институтот за јазици при Филолошкиот факултет“, додава Џидров.

Според Конкурсот за упис на студенти, на Филолошкиот факултет при УГД - Штип има вкупно 350 слободни места, од кои 190 за редовни студенти во државна квота, 85 за редовни студенти во квотата со кофинансирање и 75 за вонредно студирање. На Катедрата за македонски јазик и книжевност се предвидени вкупно 40 слободни места – 20 за редовни во државна квота и по 10 за редовни со кофинансирање и за вонредни студенти.

Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…