УГД ќе постави мерна станици за квалитетот на воздухот во Штип

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во соработка со Локалната самоуправа во градот ќе постави мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот, со што граѓаните на Штип преку софтверско решение ќе можат во секој момент на интернет да ги имаат актуелните вредности на квалитетот на воздухот, споредбено со законски дозволените граници на загаденост.

Мерната станица е изработена во Лабораторијата АМБИКОМ на УГД. Во моментот се на располагање три такви инструменти, од кои еден ќе биде поставен во Штип, а другите два во други градови во кои УГД има свои објекти или пак градови во кои ќе биде пројавен интерес за такво нешто.

 

- Во рамките на досегашните истражувања кои ги врши нашата лабораторија за анализа на квалитет на воздух АМБИКОМ започнуваме со една активност, со која треба да поставиме наши инструменти, кои целосно се конструирани и склопени во Македонија и треба да овозможат поекономично и поефикасно мерење на квалитетот на воздухот. Ние повеќе од една година работиме на овие конструкции, да ги провериме, да го поддржиме со соодветни софтверски решенија и, конечно, сето тоа е при крај. Благодарение на помошта на индустријата што ги бараше ние успеавме да склопиме инструменти кои сега ќе почнеме да ги поставуваме во оние локални самоуправи, во оние градови каде што нема мрежа за мерење на квалитетот на воздухот. Почнуваме од Штип, бидејќи тука сме стационирани и со нив ќе овозможиме следење на податоците во реално време, значи се собираат податоците кои се ставаат во база која подоцна соодветно на потребите може да се користи. Тие податоци со софтвер ќе бидат достапни и на поедноставен и поефикасен, но пред сѐ поразбирлив начин ќе го презентираат квалитетот на воздухот пред јавноста. Преку тој софтвер кој се подготвува ќе можат сите на интернет да ги видат тие податоци. Инструментот користи најреномирани сензори, има вградено соодветен компјутер за поддршка при прибирање на податоци кои се трансферираат до наш сервер. Во овој инструмент ќе биде поставен и метеоролошки сензор, бидејќи на квалитетот на воздухот секако влијаат и метеоролошките услови – изјави проректорот за развој проф. д-р Дејан Мираковски.

По Штип, УГД вакви мерни станици ќе постави и во други градови во Република Македонија, со цел граѓаните подобро да бидат информирани и да разберат каков е квалитетот на воздухот.

Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…