10 години УГД

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип одбележа 10 години од своето основање. Јубилејот се одбележа со низа манифестации, кои започнаа со полагање цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев пред Ректоратот на УГД, каде реч за Гоце Делчев одржа проф. д-р Кирил Барбареев, проректор за настава на УГД. Ректорот, проф. д-р Блажо Боев, изјави дека десет години не е голем период за постоење на една високообразовна установа, но е доволен да се потврди таа со квалитетот и основаноста за нејзиното постоење.

 - Oвие десет години ги поминавме во исклучително напорна работа, во креативна работа во делот на зајакнувањето на нашите установи и знаете дека имаме 15 факултети, тоа бараше огромен ентузијазам и бараше огромна работа за да можеме тоа да го направиме. По 10 години сме горди на она што го направивме, УГД е респективна установа со солиден квалитет во делот на наставата и во делот на едукацијата на студентите, перспективна во делот на истражувањата и меѓународната соработка и мислам дека градот Штип и Република Македонија со оваа установа добиваат многу голем придонес во делот на квалитетот на високото образование во Република Македонија. Јас се надевам дека годините кои доаѓаат ќе го потврдат ова во уште поголема креативна насока и се надевам дека УГД во периодот што доаѓа ќе биде една од најреспектабилните установи во  Република Македонија  изјави ректорот Боев,
потсетувајќи дека определбите во наредниот период ќе бидат подмладување на Универзитетот и влегување на поголема количина млади кадри кои имаат квалитетно образование независно дали е тоа на УГД, на други универзитети во Македонија или во светот. Тоа значи дека треба да бидат отворени вратите на УГД за млади кадри, за да може да се подигне квалитетот на високото образование на УГД, пред сѐ во делот на асистентите и на доцентите, со тоа би се извршило подмладување на Универзитетот, и во секој случај би се обезбедила солидна основа за подигнување на квалитетот на високото образование на УГД.

Во рамките на одбележувањето на 10 години на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип беше промовиран и Каталогот на изданија. Лилјана Колева-Гудева, претседател на Комисијата за издавачка дејноста на УГД-Штип, вели дека во Катaлогот се опафтени сите изданија на Универзитетот од 2007 до 2017 година.

 - Овој Каталог на 356 страници ги содржи сите електронски изданија, меѓутоа и печатени изданија. Значи сѐ што е реализирано како издавачка дејност на Универзитетот за ова 10-годишно постоење. Јас ќе кажам една успешна приказна и низ призмата на издавачка дејност ние, всушност, ќе видиме како хронолошки се развиваше Универзитетот вели Колева-Гудева.

Дел од свеченостите беше и промоцијата на доктори на науки кои докторирале на УГД. Годинава беа промовирани седум доктори на науки, од кои шестмина присуствуваа на свеченоста. Новите доктори на науки на УГД се: Билјана Ковачевиќ, Викторија Максимова, Ванчо Аџиски, Владимир Маневски, Радмила Каранакова-Стефановска и Шабан Јакупи.

Славеничката атмосфера на УГД беше пренесена и низ градот Штип, со настап на студентите на Музичката академија на УГД. На плоштадот „Слобода“ настап имаа студентите од Одделот за џез студии, а на просторот пред штипскиот Музеј, студентите од Катедрата за етнокореологија.

Студентите на Ликовна академија имаа сопствена изложба на која беа изложени и фотографиите од Конкурсот за фотографија кој беше објавен по повод јубилејот на УГД.

Покрај овие настани, Универзитетот организираше и Универзитетска спортска недела на која се натпреваруваа студентите во низа спортови. Исто така, беа презентирани и најдобрите студентски приказни, односно беа презентирани студенти од УГД кои имаа интересни приказни да ги споделат со своите колеги. По повод јубилејот присустуваше и реномираниот професор и уметник Венко Андоновски, кој за студентите и сите заинтересирани одржа и предавање на една исклучително интересна и популарна тема. Професорката Емилија Потевска-Попивода одржа концерт, а свој концерт одржаа и Влатко Стефановски и Тони Китановски. Покрај овие  настани, се одржа и велосипедска трка која привлече голем број посетители и професионални велосипедисти. Велосипедската трка, која беше наречена „Со велосипед на факултет“ се одржува веќе втора година по ред.

Прославата на јубилејот „10 години УГД“ заврши со Свечената академија на која ректорот на УГД во својот говор истакна дека иднината на една земја не зависи толку од големината на нејзините вкупни приходи или таканаречениот БДП, ниту од убавината на разните градби, туку од бројот на образовани млади луѓе, од нивното знаење, карактерот што тие во себе го носат, односно од интелектуалниот потенцијал. Целосниот говор на ректорот може да се види во продолжение.

 

Последен пат изменето на Вторник, 20 Јуни 2017 11:46
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…