(Видео) Факултетот за медицински науки при УГД подготвува најсовремен центар за стоматологија

Факултетот за медицински науки при УГД преку насоката Дентална медицина е во подготовка на еден од најсовремените центри за дентална медицина во овој регион. Центарот е целосно опремен, а професорите се надеваат дека во најскора иднина тој ќе биде пуштен во употреба и ќе можат да го користат сите пациенти.  

  • Стоматолошкиот клинички центар моментално е во функција на студентите, но во иднина се планира да ги опслужува сите пациенти, а особено ранливите категории за кои стоматолошкото згрижување ќе биде бесплатно - изјави доц. д-р Киро Папакоча од ФМН.

Стоматолошкиот клинички центар, според професорите и вработените, е опремен со пет сали и веројатно е еден од најдобро опремените во овој регион.

  • Центарот има пет сали од кои една сала за претклинички вежби на студентите и четири сали за клинички вежби од кои имаме и еден оперативен блок, опремени со најсовремена апаратура, кои во моментот им се во служба на студентите, а во догледно време ќе бидат и во служба на пациентите - изјави Ана Радевска-Пановска од Факултетот за медицински науки.

Целосниот центар располага и со фантомска сала која на студентите и практикантите им овозможува да вежбаат на фантоми пред да почнат да работат со вистински пациенти.

  • Моментално се наоѓаме во фантомската сала која има 10 фантоми за претклинички вежби. Тука студентите се стекнуваат со знаења и вештини од областа на стоматологијаат. Подоцна при работа во ординација можат полесно да се снајдат - изјави Верица Тонева од ФМН.

Со цел за брз развој и добивање на соодветен стручен кадар, факултетот во текот на студирањето ги стимулира најдобрите студенти со различни мерки и со тоа тие се стекнуваат со најдоброто знаење и практики.   

  • Најдобрите студенти имаат можност за ослободување од партиципација. Исто така, сакам да напоменам дека најдобрите студенти можат да добијат и меѓународни стипендии, како и да одат на пракса на во едни од најпрестижните универзитети и факултети во странство - изјави Соња Роголева од насоката Дентална медицина на Факултетот за медицински науки.

Факултетот за медицински науки најавува дека покрај тоа што центарот ќе работи со пациенти тие се отворени и за соработка со другите стоматолошки лаборатории и клиники. Дел од соработката веќе е започната и дел од студентите и вработените имаат бенефит од таквиот вид на соработка.

  • Оваа лабораторија има за цел да ја подобри соработката со јавните и со приватните здравствени организации, како и да ја зајакне соработката меѓу универзитетите и стоматолошките факултети - изјави Павле Апостолоски, лаборант во Факултетот за медицнски науки.

Од разговорот со студентите дознавме дека се презадоволни од условите коишто ги имаат на факултетот и во лабораториите и дека ова многу им помага да влезат подготвени во светот на стоматологијата.

  • Во оваа лабораторија имаме можност да ги одржиме претклиничките вежби. Оваа лабораторија, како и асистентите, се од голема помош за нас и ни помага да се стекнеме со поголеми знаења со цел да ни овозможи успешно влегување во светот на докторите - изјави студентката Лејла Идризовиќ.

Стоматолошкиот центар при Универзитетот „Гоце Делчев“ очекува наскоро да завршат сите правни процедури за негово отворање и веднаш потоа да започнат со опслужување на сите пациенти кои имаат потреба од него.

Последен пат изменето на Четврток, 13 Април 2017 09:21
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…