Студенти од Самара во посета на УГД

Деветта година по ред успешно се реализира соработката помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Државниот медицински универзитет во Самара, Русија. Во рамките на оваа соработка, во посета на УГД престојуваат студенти и професори од Самара, кои се сретнаа и со ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев и деканот на Факултетот за медицински науки, проф. д-р Рубин Гулабоски.

Студентите претходно престојуваа и во болницата „Жан Митрев“, каде што имаа можност да ја следат работата и да добијат искуство од реномирани лекари.

- Во рамките на традиционалната соработка што ја имаме со Универзитетот во Самара, со Медицинскиот факултет и нашиот Факултет за медицински науки и годинава студентите од Самара заедно со своите професори се кај нас, вршејќи ја нивната медицинска пракса во клиниките во Република Македонија и она што значи клиники кои соработуваат со УГД. Мислам дека ова е една добра пракса за добра соработка со Руската Федерација и се надевам дека и понатаму оваа соработка ќе ја одржуваме, се во интерес на подобри образовни практики за нашите и нивните студенти, и се надевам дека студентите се задоволни од она што го правиме – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

Професорот Сергеј Бабанов, раководител на Катедрата за професионални болести и клиничка фармакологија на Универзитетот во Самара, се заблагодари за одлично организираната пракса:

- Им благодариме на раководството на УГД и на проф. д-р Блажо Боев за прекрасната пракса за студентите од насоките Педијатрија и Стоматологија на Самарскиот државен универзитет, како и за одличниот однос и прием кон нас. Прекрасен универзитет, гостопримлива земја – изјави професор Бабанов.

Деканот на Факултетот за медицински науки, проф. д-р Рубин Гулабоски, истакна дека оваа соработка која е практично една од првите воспоставени на Факултетот за медицински науки и  на УГД е одлична можност за размена на практични искуства, но и за запознавање на културите на двете држави:

- Деветта година имаме размена на кадар и на студенти, и тоа е одлична можност за запознавање на студентите со практични вештини кои ќе им користат понатаму во нивната професионална кариера, меѓутоа она што е уште поважно е што имаме запознавање на двете култури, македонската и руската. Она што во иднина ќе биде приоритет е вклучување на наши наставници во дел од наставата на Универзитетот во Самара, а исто така веќе во процес е вклучување на професори од Самара кои веќе од наредната година ќе треба да присуствуваат на наши семинари, да бидат присутни на вториот и на третиот циклус на студии да го пренесат нивното знаење од Русија тука во Македонија. Медицината е една интердисциплинарна наука, каде што знаењата и новините секој ден мора да се осознаат и применат. Ова ќе биде одлична шанса за двата универзитети, посебно за студентите, да стојат постојано во контакт со науката.

Студентите од Самара изразија задоволство од приемот што го имаа на УГД, како и во болницата „Жан Митрев“, велејќи дека искуството што го добиле од лекарите во болницата, како и условите и гостопримството што им ги понудил Универзитетот за време на  престојот во Макеоднија ќе им остане засекогаш во добро сеќавање.

 

Последен пат изменето на Четврток, 24 Август 2017 15:24
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…