Професор од Економски факултет реализираше академски престој на Универзитетот во Луксембург и Лувен Универзитетот во Брисел

Професорот, Дарко Лазаров, неодамна оствари две академска посета на Универзитетот во Луксембург и Лувен Универзитетот во Белгија. Во рамите на тие посети тој оствари неколку средби со реномирани професори и присуствување на семинар кој беше организиран од страна на департмантот за финансии при Економскиот факултет на Универзитетот во Луксембург. Неговата посета беше по покана на Филип Фиданоски, еден од најдобрите млади македонски истражувачи, кој практично имаше позиција на научен истражувач на Универзитетот во Луксембург. Дополнително, професорот Лазаров при посетата на Универзитетот Лувент во Брисел кој е еден од десетте најдобри Универзитети во Европа, имаше можност да присуствува на предавања на докторски студии во областа на бизнис економија. По тој повод разговараме со професорот Лазаров за неговото искуство од неодамнешните посети.

Професоре Лазаров, какви се вашите впечатоци од посетите кој неодамна ги реализиравте?

Навистина импресивен и продуктивен академски престој на високо рангирани високо образовни институции од Западна Европа. Впрочем, ние како млад универзитет чија главна мисија е позиционирање во групата на водечки високо образовни институции во регионот, можеме континуирано да напредуваме и конвергираме кон таа цел единствено ако ги следиме практиките на успешните универзитети од Западна Европа. Јас како дел од Економскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев во целиот изминат период ја градам мојата академска кариера токму преку следење на тие практики. Мене ме радува тоа што се повеќе кадрите на факултетот и универзитетот ги следат тие практики преку вмрежување со институции од кои може многу да се научи.

Кои беа причината за вашите посети на овие универзитети?

Катедрата Економија на која јас сум раководител неодамна акредитираше студиска програма за бизнис економија, која програма беше базирана на наставната програма за бизнис  економија на Универзитетот Лувен. Мојот мотив за посетата во Брисел беше да се запознаам непосредно од самите професори и студенти во однос на нас тавната програма, предметите кои ги изучуваат, литературата која ја користат, практиката на изведување на наставата, истражувачките проекти кои ги работат професорите на катедрата за економија, и се разбира да се обидам да креирам можности за идна соработка со овој универзитет.

Посетата на Универзитетот во Луксембург беше како резултат на поканата од страна на колегата Филип Фиданоски кој како еден од најдобрите млади македонски економисти работеше на Универзитетот во Луксембург. Во текот на престојот таму бев дел од еден силен истражувачки семинар организиран од департманотот за финансии при Економскиот факултет, но многу повеќе ја искористив можноста да разговарам со многу еминентни професори и истражувачи со кои разговаравме околу можностите за идна академска соработка. 

 Департмантот за Економија на Економски факултет – Штип во моментот работи на универзитетски проект финансиран од УГД кој се однесува на анализа на финансискиот пазар во РМ, па секоја сугестија, предлог и забелешка од реномирани истражувачи за нас е добредојдена. Се разбира, главната идеја на овој проект е да се анимираат други институции со кои понатаму истиот би се проширил и продлабочил во еден меѓународен контекст. Практично, голем дел од нашите учества на меѓународни конференции, семинари и академски престои ги насочуваме во таа насока и се обидуваме да ја искористиме оваа можност за градење на меѓународна мрежа со други универзитети и факултети со кои заеднички би работеле на заеднички проекти.

Кои се вашите препораките кој сакате да ги пренесете од овие посети во контекст на подобрување на образовниот систем во РМ?

Apropo новите законски измени во високото образование кои периодот се актуелни помеѓу академската јавност би сакал да дадам некои мои согледувања во таа насока. Недвосмислено, сите знаеме дека научно - истражувачкиот капацитет на високо образовните институции е на разочарувачко ниво, и сите ние во фелата со силна и јасна поддршка од креаторите на политиките треба да работиме на менување на таа слика. Јасно е дека тие промени не можат да се случат преку ноќ, но ако не работиме во таа насока ќе бидеме осудени на стагнација и во наредниот период, што практично ќе значи и опшествено - економски назадување на земјата со оглед на фактот што образованието и само образованието е единсвениот мотор и движечка сила на реформите и прогресот во една земја. Во таа насока, она што можат да го пренесам како искуство од неодамнешните академски престои и оние кои сум ги реализирал досега е фактот што академскиот кадар на тие универзитети работат многу посветено, студиозно, со ангажирање на целиот свој интелектуален потенцијал, со целосна институционална поддршка и развиена мрежа на академска соработка и резултатите кои ги постигнуваат не се воопшто случајни. Според мое лично видување, две круцијални работи се важни за да тргнеме од оваа точка на летаргичност. Прво, потребно е ургентно да ја промениме нашата перцепција за тоа што е академија и наука. Многу мал дел од академскиот кадар на нашите високо образовни институции посветува сериозно внимание на наука и истражување, разбирајќи ја академијата единствено како образовен концепт, што е тотално погрешно. Сите универзитети во светот денес се многу посветени на подобрување на сопствените научно и истражувачки перформанси што практично им овозможува да напредуваат, вклучувајќи го и сегментот на образованието на прв, втор и трет циклус на студии. Имено, сите досегашни емпириски истражувања покажуваат дека оние универзитети кои имаат квалитетен научно – истражувачки капацитет, во исто време имаат и квалитетен образовен процес, а не обратно. Второ, во сите развиени земји државата силно ја поддржува научно - истражувачката работа, што не е случај кај нас. Имено, во многу земји постојат национални научни фондови кои извојуваат сериозни средства за поддршка на научните истражувања преку финансирање на научни проекти, обезбедување на стипендии за втор и посебно за трет циклус на студии, поддршка во градење на меѓународни мрежи на научна соработка, обезбедување на средства за истражување и сл. Ние како мала економија можеме единствено да бидеме конкуренти во глобални рамки само ако континуирано вложуваме во знаење и наука. Практично, тоа треба да биде нашиот главен императив во иднина и токму овде треба да биде насочена целата наша енергија.

Последен пат изменето на Четврток, 28 Декември 2017 12:50
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…