Промовирана книгата „Разводот на брак во европските земји“

Соработката на двајца професори од правните факултети на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот „Св. Кирил и Методиj“ – Скопје резултираше со книга – универзитетско учебно помагало „Разводот на брак во европските земји“. Книгата е резултат на истражувања кои ги правеле проф. д-р Дејан Мицковиќ од УКИМ и доц. д-р Милица Шутова од УГД.

- Поради големиот број на разводи кој секојдневно се зголемува настануваат и последици, од каде извира и причината да пристапиме кон обработка на оваа тема. Имајќи предвид дека Р. Македонија заостанува со законската регулатива во поглед на концептот на вршење на родителското право по развод на брак, фокусот на оваа книга е ставен на најдобриот интерес на детето. Причина за изборот на оваа тема всушност се последиците кои настануваат во поглед на вршењето на родителското право по развод и ставањето во неповолна позиција на децата. Од друга страна, кај нас имаме застарен концепт, односно вршење на родителското право од еден родител, и затоа сметаме дека е неопходно да се пристапи кон прифаќање на концептот или поделено или заедничко вршење на родителското право имајќи предвид дека се стремиме кон европско законодавство   – изјави доц. д-р Милица Шутова.

Според проф. д-р Дејан Мицковиќ, книгата се фокусира на една извонредно значајна тема, а идејата е да се направи сеопфатна анализа на разводот на брак во европските држави и потоа да се направи споредба со правното уредување на оваа област во Македонија.

- Притоа дојдовме до констатација дека македонското законодавство заостанува во однос на европското, нашиот закон за семејство нема претрпено некоја сериозна измена уште од 1992 година, и од тие причини сметаме дека законодавецот треба да се фокусира на реформата на семејното законодавство. Особено се фокусиравме на постапката, причините за развод на брак и на регулирање на последиците. Секако дека се потребни реформи во сите сегменти, но особено во делот на родителското право – вели проф. д-р Дејан Мицковиќ.

Главната цел на книгата е да посочи кои реформи се неопходни во македонското законодавство за да се оствари најдобриот интерес на децата и нашето законодавство да се усогласи со оние на европските држави.

 

Последен пат изменето на Четврток, 13 Февруари 2020 09:17
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…