Изложба „Јапонскиот лебдечки свет - UKIYOE“

Изложбата насловена „Јапонскиот лебдечки свет - UKIYOE“ ќе биде отворена на 15 септември во Штип, во фоајето на Економскиот факултет, за време на одржувањето на првиот академски час во академската 2016/2017 година. Оваа изложба пред публиката во Штип ќе биде претставена во рамки на проектот „ARTLink“, со кој Музејот на Град Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ја продлабочуваат соработката со Конзулатот на Јапонија во Република Македонија.

Со преку 30 печати од цртежи на најпознатите јапонски мајстори на дрворези од 17 и 18 век до публиката во Штип ќе допре шармот на „светот кој лебди“, кој е отслик на подемот на трговската класа во градот Едо (денешен Токио) во периодот од раниот 17 век и нивната  хедонистичка филозофијата која ги поддржува моментните задоволства на животот, притоа славејќи ја убавината на Месечината, снегот, црешовиот цвет или јаворовиот лист. Раскошните квартови во Едо, во кои самураите и граѓаните ја сочинуваат новата градска класа која се натпреварува во елеганцијата и рафинираниот вкус, стануваат неисцрпна тема на дрворезите на укијое мајсторите.

На изложбата се претставени најзначајните мајстори на укијое, како што е првиот сликар  Хишикава Кишибеи наречен Моронобу, кој во раниот 17 век бил првиот сликар кој започнал со укијое дрворези на кои портретирал енергични жени од Едо, полни со живот, наспроти дотогашните портрети на неприродни и кршливи. По големиот успех на неговите цртежи тој е првиот илустратор кој се потпишува на своите дела. Хишикава школата привлекла голем број следбеници, со што била започната популаризацијата на новиот уметнички стил.
Златното доба на оваа графика, од доцниот 17 и раниот 18 век, е претставено на изложбата преку делата на Тори Кијонага и Китагава Утамаро, како и преку неколку дела на прочуениот Шараку, кој ги портретирал актерите од кабуки театарот. Неговите оригинални дела се прогласени за културно наследство на Јапонија од исклучителен интерес.

Иако монохроматски, првите печати на укијое мајсторите биле рачно колорирани за специјални намени, додека кон крајот на 17 век техниката на боење со мултиплицирани дрворези - по еден за секоја одделна боја била усовршена. Така печатењето на цртежите врз префинета хартија со дебели слоеви боја наликувало на најквалитетната кинеска брокатна свила, по што и овие цртежи биле нарекувани „nishikiе“  или „брокатни слики“. Можноста за мултиплицирање на печатите доведува и до комерцијализација на овие цртежи, така што биле изработувани за најразлични намени.

Вниманието на Европа кон укијое уметноста првпат било свртено со претставувањето на јапонски печати на Интернационалната изложба во Париз во 1867 год., по што особено големо влијание остава врз раните импресионисти: Мане, Моне, Дега, Тулуз- Лотрек.
Претставувањето на оваа изложба пред македонската публика, особено пред студентите по уметност и воопшто пред студентите на Универзитет „Гоце Делчев”, е од големо значење бидејќи ќе даде можност за посеопфатни информации и запознавање одблизу со оваа уметност која е дел од светското културно наследство.

Изложбата свечено ќе биде отворена на 15 септември, во 12 часот, на Економскиот факултет при УГД.

Последен пат изменето на Понеделник, 05 Септември 2016 14:34
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…