(Видео) „Жените од Балканот во џезот“ на концерт во Штип

„Жените од Балканот во џезот“ на љубителите на џез музиката во Штип ќе им понудат ретка можност да уживаат во квалитетен џез звук, кој ќе биде изведен од „New spark jazz orchestra”, оркестар составен од жени од Македонија, Србија и Црна Гора. Овој проект е поддржан од Универзитетот „Гоце Делчев“, а концерти, покрај во Штип на 7 ноември (во 20.30 часот во Мултимедијалниот центар на УГД), ќе се одржат и на 6 ноември во Битола, на 9 ноември на Новосадскиот џез фестивал и на 11 ноември во Белград.

- Ова е проект кој започна минатата година во Тиват, Црна Гора. Инаку целиот оркестар е женски, освен ние неколку ментори - јас, Васил Хаџиманов и Антоан Симони од Франција, четвртиот ментор е Јасна Јовичевиќ, која е во оркестарот и е носител на целиот проект. Универзитетот е еден од коорганизаторите на овој проект. Сега се среќаваме по вторпат, со оваа серија на настапи и оваа нова авторска музика што ја подготвуваме ќе заврши овој проект како што беше замислен, а се надевам дека ќе продолжи и понатаму. Деновиве вежбаме, а првиот настап ќе биде на 6 ноември во Порта џез во Битола на Фестивал на светската музика. Веднаш утредента сме овде, во оваа иста сала во Штип, во Мултимедијалниот центар, потоа заминуваме на Новосадскиот џез фестивал и последниот концерт ќе биде во Белград. Некои од учесничките – пет од нив се од Македонија, најголем дел се од Музичката академија на УГД, потоа имаме и од Србија, Црна Гора и од Франција  изјави Антонијо Китановски, декан на Музичката академија при УГД.

Според Јасна Јовичевиќ, која го води целиот проект, целта е да се зголеми присуството на жените во џезот, бидејќи е факт дека ги има малку. Таа се надева дека и по завршувањето на проектот „New spark jazz orchestra” ќе продолжи да живее и дека девојките ќе останат заедно. Проектот е финансиран од Фондот БАК (Балканска уметност и култура), преку Владата на Швајцарија и Швајцарската агенција за развој и соработка и Европската културна фондација.

Концертот во Штип е на програмата в понеделник, 7 ноември, со почеток во 20.30 часот во Мултимедијалниот центар на УГД, а влезот е бесплатен.  

Последен пат изменето на Петок, 04 Ноември 2016 16:04
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…