Доделена наградата Гран-при од Фондацијата „Зографски“ за 2016 година

Највисоката награда Гран-при на Фондацијата „Зографски“, која годинава одбележува 10-годишнина од своето постоење, за 2016 година ја понесоа уметници од Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.

Носители на оваа награда се проф. д-р Милица Шкариќ, дипломираните пијанисти во нејзината класа Петре Штерјов и Бисера Иванова, белгискиот пијанист Бенжамен Думонт и осумгодишната Олга Ѓоргиева.

Во текот на 2016 година носителите на наградата изведоа три концерти со дела за пијано од композиторот Томислав Зографски. Првиот концерт се одржа на 8 април во Музичката академија во Жанблу, Белгија, каде што премиерно во Белгија пијанистите Петре Штерјов и Бенжамен Думонт ги изведоа Минијатурите оп. 11 и Сонатината за две пијана оп. 142 од Томислав Зографски. Вториот концерт насловен „Музиката на Зографски видена низ детските цртежи на Олга Ѓоргиева“ се одржа на 3 мај во Уметничката галерија „Даут Пашин амам“ во Скопје, каде што пијанистите Бисера Иванова и Петре Штерјов ги изведоа Минијатурите оп. 6 и 11 и Суитата оп. 27 за соло пијано.

За време на нивната изведба беа изложени 120 цртежи од осумгодишната Олга Ѓоргиева. Третиот концерт се одржа на 9 мај на Музичката академија во Штип, каде што Иванова, Штерјов и Думонт изведоа целовечерен концерт со дела за пијано од Зографски. Концептот на интерпретација на делата за пијано од Зографски на трите концерти беше направен под раководство на пијанистката проф. д-р Милица Шкариќ, која е професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Последен пат изменето на Петок, 23 Декември 2016 13:25
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…