(Видео) Студентите на ТТФ со неверојатна модна ревија

Дваесет и тројца студенти на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на летната сцена на Националната установа Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ ги прикажаа своите модни креации во рамките на проектот „Во светот на бајките“, кој е финансиски поддржан од Министерството за култура.

Менторката, а воедно и асистент на штипскиот Технолошко-технички факултет, Сања Ристески вели дека студентите ги најдоа инспирациите за креирање на своите модни креации во познатите светски бајки.

– Видовте една многу интересна бајка којашто ја креираа студентите на Технолошко-технички факултет. Работевме на проектот „Во светот на бајките“, а како инспирација ги користевме сите светски познати бајки, приказните на браќата Грим, Дизниевите приказни, „Алиса во земјата на чудата“ и од сите тие бајки си создадовме една наша бајка - вели Ристески.

Студентот Стефан Максимов забележува дека модната ревија е можност публиката да види што тие научиле и да ја видат нивната креативност.

– Ова е од исклучително значење, особено заради тоа што работевме на малку поспецифични модели, кои не се застапени досега, ниту пак досега биле тренд - вели Максимов.

Посочува дека неговата професија има иднина во градот на текстилот, но е потребен максимален ангажман за да се има успех како моден креатор или инженер во текстилната индустрија.

Студентите кои ги покажаа своите креации на модната ревија годинава без проблеми ја реализираа, бидејќи фианансиската поддршка од Министерството за култура им даде можност без проблеми да ги бираат материјалите со кои ги правеа своите креации.

Деканката на Технолошко-технички факултет, Винета Сребренковска, рече дека студентите се, пред сѐ, добро обучени инженери на коишто им е развиена и креативноста и како кадар можат да одговорат на текстилниот сектор.

– Можам да кажам дека имаме сѐ поголем интерес за ваков кадар од страна на текстилните компании. Така што програмите веќе ги реорганизираме да има поголем дел на практична настава застапена во нашиве програми, односно студентите да можат поголем дел да издвојуваат во текот на семестарот да посетуваат практична настава - вели Сребренковска.

Според анализите на Технолошко-технички факултет, 80 % од завршените студенти веднаш наоѓаат работа во домашните, но и во странски компании.

Во рамките на модната ревија „Во светот на бајките“ осврт на литературата за деца даде и универзитетската професорка д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

 

Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…