„Не е шега: дискриминација и цензура“ започна во Музеј на Македонија

На денот на шегата, 1 април, започна манифестација на тема која шегата ја има само во насловот „Не е шега: дискриминација и цензура“.

Станува збор за проект кој е плод на соработката на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Музеј на Македонија, а во него учествуваат Ликовната, Музичката академија, Правниот факултет, како и Дебатното кино „Контра кадар“ во Скопје. Десет дена, од 1 до 10 април, изложба на плакати, проекција на филмови, трибина, работилница, промоција на публикација и концерт на Музичката академија ќе бидат посветени на дискриминацијата и цензурата.

Манифестацијата започна со изложбата на плакати на тема дискриминација и цензура, поместена во Музеј на Македонија, за која продеканката на Ликовната академија м-р Јана Јакимовска изјави:

- Изложбата која ја отвораме вечерва во Музеј на Македонија е резултат на соработката на Ликовната академија и Правниот факултет при УГД, кој имаше работилници на тема Дискриминација, цензура, говор на омраза, и професорката Ана Никодиновска-Крстевска нѐ покани на соработка. Се одлучивме да направиме нешто поинакво, да не биде само цртеж, скулптура, нешто класично, туку се одлучивме да комуницираме преку изработка на плакати, кои имаат естетски вредности, но сепак има пропагандни вредности, и пораката со него можеме да ја пренесеме недвосмислено и директно. Плакатите се направени со студентите од двете насоки на Ликовната академија - Класично сликарство и Вајарство, тука ќе видите и некои мои примери, затоа што и јас кога им објаснував на студентите како сметам дека треба да размислуваме направив некои сликовити примери, и намерно се ставени тука затоа што сакав да видите колку е убаво кога студентите ќе го надминат професорот во нивните решенија. Борбата против дискриминација и цензура никогаш не треба да престане, секогаш постои опасност дека овие стапици можат да се појават таму каде што не ги очекуваме, затоа треба секогаш да сме будни и секогаш да размислуваме на овие теми, а таа борба треба да биде силна, сликовита и недвосмислена, како што се и плакатите кои се изложени тука.

Ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, изрази задоволство што УГД, преку Ликовната академија, Музичката академија и Правниот факултет можат да изложуваат во Музеј на Македонија, што ја потврдува одличната соработка на двете институции.

- Нашите академии се меѓу помладите во државата, но по својот уметнички израз се големи. Јас давам должно внимание на сите факултети, членки на УГД, затоа оваа вечер сум овде. Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е најотворената универзитетска структура во Р.Македонија, што се покажа и со организирањето на оваа манифестација која ја договоривме без никакви проблеми и на тој начин докажуваме дека се трудиме дискриминацијата и цензурата да ги има само како теми на кои се говори на трибини, а во суштина да ги има што е можно помалку – изјави Боев.

Задоволство од соработката и проектот кој заеднички се реализира изрази и директорот на Музеј на Македонија, Гордан Николов. Од настаните, веќе утре во Кино салата на Музеј на Македонија ќе се организираат филмска проекција и дискусија во организација на Дебатно кино „Контра кадар“ - Скопје, во среда (4 април) во 12 часот Трибина на тема „Цензура во уметноста и науката“ (кино-сала на Музеј на Македонија), во четврток (5 април) Работилница за изработка на плакат на тема „Миграции“. Целата манифестација завршува на 10 април, со два настани – во 19 часот ќе биде промовирана публикацијата „Не е шега: дискриминација и цензура“, а во 21 часот ќе се одржи концерт на студентите од Џез одделот на Музичката академија при УГД - Штип, под раководство на деканот Антонијо Китановски.

 

Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…