Предавање за чембало на Музичката академија при УГД

Во организација на Музичката академија при УГД, во концертната сала на Академијата, предавање на тема „Инструментот чембало, претходник на денешното пијано“ одржа проф. Винфрид Хакл од Австрија.

Проф. Хакл е изведувач на барокна флејта, директор на Музичкиот конзерваториум Прегартен (Австрија) и има своја мини фабрика за изработка на чембала. Специјално за студентите во Штип го донесе и своето чембало Grimaldi од Австрија, на кое студентите имаа можност и да засвират.

Во своето инспиративно предавање тој подели стручни детали за настанокот на овој инструмент, неговото штимање во минатото, начинот на изведба, па сѐ до модернизирањето на инструментот и настанокот на модерното пијано. Во преполната сала на Музичката академија, каде што покрај студентите на УГД присуствуваа и професори и ученици од музичките училишта во Штип и во Велес, проф. Хакл го започна предавањето со своја изведба на  композиција од Бах за барокна флејта и чембало. На чембало го придружуваше Емилија Потевска-Попивода, професор по пијано на Музичката академија во Штип, која беше и организатор на овој настан. Двајцата професори соработуваат веќе неколку години, настапувајќи на неколку концерти и предавања во Австрија и реализираат заеднички снимки за Музичкиот конзерваториум во Перг.

По успешното предавање кое предизвика големо внимание кај студентите,  проф. Хакл го најави и неговиот следен мастер клас во Штип за студентите на Музичката академија при УГД.

Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…