Форум на декани и ректори на музички академии од Иницијативата „17+1“

Музичката академија при УГД е домаќин на декани и ректори на музичките академии членки на Иницијативата „17 +1“ (земјите од Централна и од Источна Европа и НР Кина).

Оваа Иницијатива во РСМ организира Форум кој започна на 20 ноември во „Порта Македонија“ во Скопје, а вториот дел се одржа на Музичката академија при УГД. Инаку, првиот ваков форум се одржа пред две години на Конзерваториумот „Жејанг“ во Хангџу во НР Кина.

Деканот на Музичката академија, проф. д-р Антонијо Китановски, изјави дека овие два дена се прави договор за тоа што ќе се работи во наредните две години.

- Ќе работиме на заеднички оперски проекти, џез оркестри, турнеи, натпревари по композиција, размена на студенти и професори, практично планираме доста интензивна и амбициозна агенда. Функционираме веќе две години и имаме реализирано доста активности: посета на студенти во Кина и нивни студенти кај нас, Катедрата за современ танц на УГД имаше настап во Кина, така што се работи, само разговараме за дополнително интензивирање - изјави Китановски.

Претставниците на Конзерваториумот „Жејанг“ во Кина изразија задоволство од можноста да се реализира културна размена и да се работи на заеднички проекти. Татјана Кркељиќ од Музичката академија во Цетиње, Црна Гора, изрази задоволство од организацијата на Форумот.

- Сакам да му се заблагодарам на колегата Китановски за организацијата, прекрасната енергија што ја почувствувавме. Освен што сме културни пратеници, ние сме педагози и професори, и мислам дека иницијативите за кои говоревме и се договоривме овие два дена во значајна мера ќе помогнат за унапредување на наставниот процес, а и за многу културни настани кои ќе уследат – вели Кркељиќ.

За време на Форумот учесниците беа примени и од Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски.

Последен пат изменето на Четврток, 21 Ноември 2019 15:16
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…