„Метафора на телесното“ изложба на скулптури на доц. д-р Слободан Милошески

Во Културно-информативниот центар на РС Македонија во Истанбул, на 10.11.2020 година (вторник), беше отворена изложбата на скулптури од галериски формат насловена „Метафора на телесното“ од авторот Слободан Милошески.

- Во основа, на оваа изложба се сретнуваме со апропријација на идејата за визуелни поместувања и дезагрегација на структурата, која се трансформира во асоцијативно-симболичка форма. Со тоа авторот Милошески доста успешно ги разбива едноличните претстави на определени визуелно-естетски проблеми, создавајќи притоа една духовна и енергетска опоненција, која се раѓа во првиот контакт со визуелната целина. Неговите дела, иако во конкретната поставка се со мали димензии, не се само апстрактно-асоцијативни формации, туку тие се и аксиолошки, вредносни системи. Скулпторските дела претставени на оваа изложба концепциски се повеќедимензионално поврзани и претставуваат процес во тек, при што тие заеднички си потпомагаат во истрајноста на просторното коегзистирање. Секоја единка  е поставена во однос на опкружувањето како елемент на комуникација, своевиден реквизит на уметничката акција. Овие уметнички дела се богати со неисцрпни енергетски потенцијали во изразување на субјективната визија. Но, конечно и можеби најважно, неговата скулптура има изразен динамизам во кој е вклучен дури и гледачот. Со тоа, естетиката на овие дела станува комплетна, затоа што станува и естетика на рецепцијата. Гледачот е повикан да учествува во тој динамизам, станувајќи просто вовлечен во растот со што овие, на прв поглед, рационални форми, сепак се доживуваат како длабоко човечки движења во потрага по спокојот. Иако геометриско-кубистички, делата на Милошоски сепак се човечки, премногу човечки - вели проф. д-р Трајче Стојанов во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Молошески е роден во 1977 година во Охрид. Дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р. Бугарија, на Катедра за скулптура.

Има реализирано 22 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 14 награди и признанија, од кои најзначајни се: Наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштвото на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, Наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година и Наградата за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: скулптури на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ, скулптура на Муза наменета за фасадата на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот балкански универзитет во Скопје.

Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како доцент на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Последен пат изменето на Среда, 11 Ноември 2020 09:42
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…