Доцент и асистент-докторанд од УГД публикуваа значајно теоретско решение за деактивацијата на редокс ензимите

Во текот на февруари 2019 година, доцент д-р Викторија Максимова и асистент-докторанд м-р Милкица Јанева од Факултетот за медицински науки при УГД - Штип во едно од најреномираните списанија за електрохемија, „Electroanalysis“, публикуваа теоретски труд каде што даваат релевантни објаснувања за процесите на деактивација на т.н. редокс ензими.

Редокс ензимите се едни од најважните фактори во креирањето на енергија (во форма на аденозинтрифосфат) во сите живи организми. Доцент Викторија Максимова и асистент Милкица Јанева преку теоретски математички модел покажаа дека во зависност од природата на редокс ензимите нивната хемиска „деактивација“ во физиолошки услови може во одредени случаи да доведе до хиперзголемена активност на некои ензими кон нивните супстрати. Притоа, во трудот се предложени и нови методи за определување на кинетиката и термодинамиката на хемиската деактивација на редокс ензимите. Познавањето на овие физички параметри овозможува проценка на активноста на редокс ензимите во голем број ин-витро студии. Предложените теоретски феномени наидоа на голем интерес кај научната јавност, бидејќи теоретскиот модел е релевантен и за студирање на интеракциите на т.н. липофилни лекови. Преку овој труд може точно да се процени дали два липофилни лека реагираат (и во колкав степен)  меѓу себе во физиолошки услови, а тоа пак дава податоци дали тие два лека може или не може да се администрираат во исто време.

Трудот на младите наставни работници од УГД - Штип беше прифатен со апсолутно позитивни критики од рецензентите. Изработката на трудот е извршена во симулацискиот центар за биоелектрохемија на Факултетот за медицински науки при УГД - Штип што е комплетно отворен за истражувачка работа за сите заинтересирани студенти од УГД. Достап до трудот има на следниов линк:

https://onlinelibrary.wiley.com/doi/full/10.1002/elan.201900028

Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…