Науката во служба на земјоделството – второ стручно советување „Агронаука и пракса 2019“

Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип по вторпат го организира Меѓународното научно-стручно советување „Агронаука и пракса“.

Целта на советувањето е да се зголеми учеството и примената  на науката во земјоделието, а веќе во втората година од одржувањето се бележи значително зголемен број на пристигнати трудови (годинава се повеќе од 60). Според деканот на Земјоделскиот факултет, проф. д-р Љупчо Михајлов, советувањето веќе станува традиција, а годинава се дава акцент на една актуелна и перспективна тема - начини за поттикнување на трансферот на знаења, технологии и иновации во правец на проширување и продлабочување на соработката помеѓу науката и праксата.

- Годинава имаме повеќе учесници и повторно наш гостин е министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Ќе објавиме почеток на една успешна соработка со Министерството за земјоделство за еден интересен проект за безвирусно производство на посадочен материјал од компир и се надеваме дека наредната година тоа успешно ќе го спроведеме, бидејќи нашата земја во целост е зависна од увоз на ваков материјал. Земјоделците ги применуваат научните достигнувања во својата работа, но ние треба да им го покажеме патот и да им ја олесниме примената. Следната година, на пример, главна тема на панел-дискусијата, одредена токму од контактите со земјоделците, ќе биде сеидба без обработка на почвата. Тоа има големи предности, а во соседните земји веќе се применува – изјави деканот Михајлов.

Министерот Николовски изрази задоволство што вторпат е на ова стручно советување.

- Она што го видов минатата година гарантираше продолжување на активностите кои ги има Универзитетот, зголемување на бројот на учесници и трудови. Мене ми е особено драго што овој период го искористивме за унапредување и зајакнување на соработката помеѓу Министерството за земјоделство и Универзитетот, и како што најави деканот, го најавуваме новиот проект кој започнува помеѓу Министерството и Земјоделскиот факултет и заеднички преземаме активности за производство за безвирусен посадочен материјал за семенски и органски компир. Ќе се работи и на изградба на производствени и складишни капацитети, лабораторија за добивање на здрав материјал, склучување на договори со земјоделските здруженија. Тимовите на двете клучни институции веќе ги работат овие активности на терен. Особено е значаен за нашето земјоделство фокусот на овој дел и навистина ќе бидеме фокусирани со Земјоделскиот факултет на УГД да работиме во тој правец и да ја продлабочуваме нашата соработка на овој и на многу други проекти – изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Во работниот дел од „Агронаука и пракса 2019“ беа одржани повеќе панел-дискусии, презентации, а претставниците на земјоделскиот сектор и на науката имаа можност да разменат мислења за актуелните состојби во областа и за начините на пдообрување на соработката.

Видео

Последен пат изменето на Петок, 12 Април 2019 14:47
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…