(Видео) Одржан вебинар за влијанието на ковид-19 на менталното здравје

Факултетот за туризам и бизнис логистика и УГД го реализираа вториот од серијата вебинари поврзани со влијанието на Ковид кризата со одделни области од животот. Вториот вебинар, кој се одржа во петок - 19 март 2021 година на платформата Microsoft teams, беше посветен на менталното здравје и имаше наслов „ Ковид, менталното здравје и lockdown стории: како да си помогнеме?“.

Проф. д-р Александра Жежова од ФТБЛ пред студентите учесници на вебинарот и останатите колеги предавачи и учесници говореше на тема „Влијанието на медиумите и дезинформациите во време на КОВИД 19: менталното здравје и општествените девијации”.

- Улогата на медиумите беше огромна од почетокот на пандемијата, тие нѐ информираат, но не само поради онаа статистика која секојдневно се објавуваше и која секој ја прифаќа со различна перцепција – некој се фокусира на бројот на починати, некој на бројката на излекувани. Така и сфаќавме дека една иста информација на различен начин се прифаќа и толкува. Но овде не станува збор само за информации од медиумите, сите наши контакти влијаеја да го оформиме нашето мислење, а не е изненадување што драстично се зголеми следењето на медиумите, но и на нивните онлајн изданија. Тука секако беше голема можноста да наидеме на дезинформации, а сето тоа предизвикува последици и врз нашите емоции, доведува до страв, несигурност – рече проф. д-р Жежова.

Втор предавач беше проф. д-р Мирослав Пендароски, Меѓународен славјански универзитет „Гаврило Романович Державин”, Факултет за психологија, а неговата тема беше     „Ние ли сме тоа?! – психосоцијалните феномени на долготрајното себеотуѓување”. Според него, интересно е дека за време на пандемијата е зголемен бројот на лица кои посетуваат психотерапија, но за жал, не можеме да се израдуваме на овој податок, бидејќи во случајов не станува збор за посета на психотерапевт за да се расте, туку за да се надмине оваа навистина тешка ситуација.

- Многу психолошки феномени беа зафатени и допрва ќе бидат зафатени, затоа што да се зборува за ментално здравје со доза на сигурност какви ќе бидат последиците за време на криза која сѐ уште е тука е многу неблагодарно. Јас мислам дека по некое подолго време ќе ги знаеме вистинските последици – изјави проф. д-р Мирослав Пендароски.

Проф. д-р Елеонора Серафимовска, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,

Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, презентираше податоци од истражување на тема       „Психолошките аспекти на пораките пренесени преку интерактивните медиуми за време на пандемијата“. Во истражувањето биле опфатени сите пораки, кампањи, видео и аудиоспотови кои бе користени во кампањата за подигање на свеста за борба против корона вирусот и почитување на препораките. Во истражувањето е истакнато дека во вакви кампањи се важни и навидум неважни детали – бојата на буквите или заднината на банерите кои се објавуваат, пораката која се испраќа, начинот на кој се испраќа, за да се постигне саканиот ефект.

УГД ќе продолжи со организирањето на вебинари, во кои ќе се вклучат и останатите факултети во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Последен пат изменето на Среда, 24 Март 2021 12:49
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…