Презентација на проектот „Следење на аерозагадувањето во Скопје“

На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се одржа презентација на проектот „Следење на аерозагадувањето во Скопје“ во чија реализација е вклучен и УГД, а е поддржана од Мисијата на УНДП, Амбасадата на Шведска и Министерството за животна средина на РСМ. За важноста на проектот говореа претставници на сите учесници во проектот.

- Проектот за кој денес сме тука се нарекува „Справување со аерозагадувањето во градот Скопје“. Овој проект го реализираме заедно со Министерството за животна средина и во партнерство со УНДП. Иако проектот се реализира во Скопје, многу е битно што имаме соработка со Универзитетот во Штип, со академската заедница на УГД, бидејќи анализите кои се прават тука можат да ни помогнат во подобро справување со проблемот. Ние како Шведска ги поддржуваме напорите на земјата, особено во однос на поглавјето 27, што се однесува на проблемите со аерозагадувањето, а исто така важни се напорите кои ги прави Македонија и нашата поддршка што ја даваме на таканаречениот Зелен договор кој ние го поддржуваме – изјави амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгстон.

- Во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ се прави анализа на изворите на загадувањето. Фактички примероците се добиваат од Карпош и од Лисиче, и тука се анализираат за да се добијат повеќе детали  околу можните извори на загадувањето.  Многу е важно да се добијат веродостојни податоци, кои потоа ќе ѝ помогнат на Владата да донесе вистински мерки и политики во однос на справување со овој проблем. Исто така ќе им помогне на нашите имплементаторски партнери за да имаме посоодветен пристап, а ќе влијае и врз однесувањето и политиките кои се преземаат од локалните власти, но и од граѓаните. Во рамките на овој проект ќе бидат поддржани 160 домаќинства од Лисиче за промена на начинот на загревање на нивните домови со помодерни и поефикасни начини на загревање за да се намали внатрешното загадување во домовите. Веќе се избрани 60 домаќинства и кај нив веќе се прават контроли и проверки за да се изнајде најсоодветното решение за ефикасно загревање, а новиот повик за уште 100 домаќинства ќе биде отворен до 5 април и ќе бидат поддржани најмногу најранливите домаќинства – изјави постојаната претставничка на УНДП во РСМ, Нарине Сахакјан.

Проектот е поддржан и од Министерството за животна средина, а според министерот Насер Нуредини, врз основа на податоците кои се добиваат, државата и Министерството ќе имаат можност да креираат соодветни политики и тоа да помогне да се дадат насоки во кои треба да се менува загревањето на објектите – и приватни и државни.

- Се разбира, ова е пилот-проект кој се имплементира во Скопје, но ја засега и целата држава. Во оваа насока, Владата ги обврза сите државни институции да направат список на сите јавни објекти и начинот на кој тие се загреваат. Ние сакаме да бидеме пример за промена на начинот на загревање на објектите, и со тоа да ги поттикнеме и поддржиме и граѓаните да го следат тој пример – изјави министерот Нуредини.

УГД е најкомпетитивната научна установа во државата која може да се занимава со прашањата поврзани со животната средина, смета ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

- Донациите кои ги добиваме од Шведска и УНДП во поглед на опременоста на нашите лаборатории е важен сегмент во поддршката на политиките на Владата на РСМ во справувањето со проблемите со животната средина и секако со обезбедување на подобри услови за живеење на граѓаните и за нивното здравје. Ние како општествено одговорна установа секогаш ќе ја поддржуваме таа политика. Мислам дека УГД е вистинската установа која се занимава со овие прашања, посебно лабораторијата АМБИКОН што ја води Дејан Мираковски и дава особен придонес во развојот и имплементацијата на модерните технологии што Европа ги препознава и меѓународната заедница верификува податоци кои се важни и добиени од независни установи како што е Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

 

Последен пат изменето на Понеделник, 29 Март 2021 13:20
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…