Точната и неточната наука во филмот „Марсовецот“

Филмот „Марсовецот“ кој деновиве се прикажува низ целиот свет поттикна низа дебати во јавноста за неговата прецизна наука. Според многумина, филмот е доста прецизен и точен кога станува збор за научната аргументација, но има делови кои не ги задоволуваат целосно научните теории. 

Филмот „Марсовецот“ е правен според истоимениот роман од авторот Енди Веир, а режиран од страна на холивудскиот режисер Ридли Скот. И двајцата автори се обиделе филмот да го направат што е можно поточен и во корелација со реалната наука. Но дали успеале? Во оваа анализа на научната вистина ќе откриеме многу детали од филмот, па затоа оние кои сѐ уште не го гледале треба да го имаат тоа предвид. 

  • Песочната бура

    Од филмовите често се очекуваат големи и драматични сцени. Такви беа сцените со песочните бури на Марс. Иако Марс навистина има многу песочни бури, атмосферскиот притисок на оваа планета е толку мал што ветерот е занемарлив, но сепак песокот може да биде проблематичен. Песочните бури на Марс достигнуваат до 160 километри на час, но бидејќи атмосферата е толку тенка, инерцијата и динамичниот притисок на површината се еднакви како ветер од 18 километри на час на Земјата.

  • Должината на патувањето

    Додека во некои филмови вселенското патување се прикажува како пат до соседниот град на Земјата, во овој филм ова е прилично детално објаснето. Во овој филм се гледа бруталноста на далечината во вселената и нашата немоќ во далечните патувања. За да стигнете до Марс со денешната технологија ви се потребни осум месеци.

  • Радијацијата

    Ова е уште еден сериозен проблем во филмот „Марсовецот“. Астронаутите во „Марсовецот“ ќе бидат изложени на огромна радијација, не само на површината на планетата туку и за време на патот. Само во еден правец до Марс астронаутите ќе претрпат 15 пати поголема радијација над дозволеното. Само од патувањето до Марс астронаутите се изложени на огромен ризик од страшни болести, а додека главниот лик Марк Вотни на површината на оваа планета помина повеќе од 500 сола (или марсовски денови кои се 39 минути подолги од нашите). Според научниците, има начини да се справат со огромната радијација, но во филмот тоа не го прават. Еден од начините е станицата на Марс да биде под земја, а опремата врз неа или пак сите возила и објекти на Марс да бидат обложени со алуминиум, вода или храна.

  • Почвата 

    Делот со одгледувањето на компири на Марс, според научниците, е прилично добро направен. Има направено научни студии и симулации кои покажуваат дека тоа е сосема возможно, на начин на којшто главниот лик го правеше тоа.

  • Асистенција од гравитацијата

    Асистенцијата од гравитацијата на Земјата која ја направи вселенското летало на екипажот за да се вратат по Марк Вотни е прилично точна. Она што е чудно во таа приказна е тоа што еден инженер во НАСА ги прави тие пресметки и му ги објаснува на директорот на НАСА на кој, пак, не му е позната оваа можност. Ова е многу позната процедура во вселенското патување и да не ја познава директорот на НАСА (но и сите останати учесници во мисијата за спас на Марк Вотни) таа процедура е исто како кардиохирург да не знае каде се наоѓа срцето на човекот.

  • Комуникацијата

    По песочната бура (која беше крајно дискутабилна) главниот лик Марк Вотни изгуби секаква комуникација со Земјата. Комуникацијата повторно ја воспостави со роверот „Петфајндер“ кој беше испратен на Марс во 1997 година. Дали е возможно овој ровер кој навистина стои на Марс да биде пренаменет за комуникација со Земјата?

    Ова е апсолутно возможно“, вели Дејв Лавери, научник во НАСА и човек кој работел на мисијата „Петфајндер“ (Pathfinder). „Роверот е таму од 1997 година и не работи затоа што му се потрошени батериите. Со едноставно полнење на батериите би требало да биде целосно во функција“, вели Лавери.

  • Сѐ на сѐ филмот е толку добар, приказната е толку динамична и возбудлива што малите грешки во науката ќе ви изгледаат симпатично и во функција на филмската драматичност.

Последен пат изменето на Понеделник, 26 Октомври 2015 13:04
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…