Интервју со проф. Цвета Мартиновска-Банде: Студентите треба да ја почувствуваат академската динамика 
  1. Кои клучни моменти влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Мојот интерес за математиката и техниката беше присутен уште во основното и средното училиште, но врз одлуката да студирам на Електротехничкиот факултет, на насоката Компјутерска техника и автоматика, имаа влијание повеќе фактори меѓу кои и љубовта кон научната фантастика. Во периодот на моето студирање започна да се издава „Сириус“, списание од Загреб, кое публикуваше научно-фантастични приказни што ширум ви ги отвораат очите и духот, давајќи ви слободни и неомеѓени визии за светот. Од книгите кои ги сметам за значајни се делата на Исак Асимов „Јас, Робот“ во кои беа дефинирани трите закони на роботиката и колекцијата „Фондација“, каде што преку „психоисторијата“ се предвидува и контролира иднината.

Тука е, секако, и Артур Кларк со своите дела, меѓу кои „Рајските водоскоци“, каде што ги предвидува геостационарните сателити уште пред човештвото да помисли да полета кон космосот и „Одисеја 2001“, според која е снимен филм во режија на Стенли Кјубрик, во кој главната улога ја има компјутерот ХАЛ 9000, предок на она што денес се нарекува вештачка интелигенција. Следеа „Воените игри“ на Спилберг, како и редица други дела, пишани или филмувани, како на пример циклусот „Дуна – Песочна планета“ на Френк Херберт, кои придонесоа да имам максимално отворени погледи за предизвиците на новите времиња. Едноставно, сакав да бидам дел од тој Храбар нов свет... (Aldous Huxley: “The Brave New World”). За посериозен пристап во науката и определување на насоката во којашто ќе се одвива мојата научноистражувачка работа ги сметам моите постдипломски и докторски студии на Електротехнички факултет во Скопје. Особено сакам да ја истакнам улогата на мојот ментор професорот Стево Божиновски, кој ме воведе во методологијата на научноистражувачката работа и чии сугестии и денес ми се корисни во работата со моите студенти. Секако, еден од клучните моменти беше и студискиот престој во Холандија на Универзитетот во Мастрихт, каде што имав можност да работам на истражувачки проект од областа на медицинската информатика и во една напредна академска средина од поинаква перспектива да го согледам сопствениот професионален и научен развој. Непроценливо искуство за мојата научноистражувачка работа беше и престојот во Бугарија, каде што ги изучував когнитивните науки во инспиративна околина составена од група истражувачи од источноевропските земји. Можеби еден од најважните моменти е моето вработување на Универзитетот „Гоце Делчев“. Со задоволство се сеќавам на почетоците на мојата академска кариера на Факултетот за информатика каде што работам од основањето и можам да кажам дека заедно со другите колеги вложивме многу енергија за да го направиме препознатлив и успешен. Работата како универзитетски професор за мене беше голем предизвик. Како што јас имав можност да учам од своите професори кои несебично ми ги пренесоа своите знаења и искуства, сега бев во позиција да придонесам моите студенти да оформат знаења и вештини што ќе им користат во нивниот професионален ангажман и развој. Огромно задоволство е да се види дека станале успешни и конкурентни во својата професија.

  1. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Сѐ што е во врска со компјутерските науки и инженерство за мене е интересно и значајно. Но ако треба да изберам една област тоа би била вештачката интелигенција, бидејќи мојата магистерска и докторска работа припаѓаат на оваа област. Како дел од компјутерските науки и инженерство, вештачката интелигенција има солидни теоретски и практични основи кои вклучуваат податочни структури за репрезентација на знаење, алгоритми за примена на тоа знаење и програмски јазици и техники за нивна имплементација. Како што ја дефинира техничкиот директор на Google (Ray Kurzweil), вештачката интелигенција опфаќа создавање машини кои изведуваат функции кои кога би се изведувале од луѓе би барале интелигенција. Се обидувам на студентите да им ги објаснам техниките и методите за автоматизирање на човечките сознајни процеси како мислењето, донесувањето одлуки, решавањето проблеми, учењето, перцепцијата, генерирањето и разбирањето на говорот. Најмногу сакам да ги предавам оние теми кои на студентите им се интересни, како на пример современите проекти во вештачката интелигенција. Друга област која денес е актуелна е примената на вештачката интелигенција и напредните информациски технологии во идните веб-базирани системи и услуги. Од тие причини како теми на моите предавања на постдипломските студии се вклучени интелигентните технологии за пребарување и извлекување на информации, како и дизајнот и имплементацијата на веб-базираните системи.

  1. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Компјутерските науки се научни дисциплини кои многу брзо се развиваат заедно со развојот на технологијата, така што темите кои се во фокусот на истражувањата постојано се менуваат. Настојувам да ги следам промените, новите технологии и да се усовршувам во научноистражувачката и во наставно-образовната дејност. Во моментот моја област на интерес е податочното рударење. Тоа е дисциплина која вклучува методи на вештачка интелигенција, машинско учење, статистика и бази на податоци. Но постојат истражувања и проекти кои влијаеле да се прошири мојот интерес во други сфери и како резултат на тоа произлегле трудови од друга област.

  1. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат информатичари? Кои вештини им се потребни?

Сметам дека за да се биде успешен во која било професија треба да постои одредена склоност кон таа професија. Покрај природниот талент, потребни се напорна работа и многу истрајност, упорност и самодоверба. Знаењето и вештините усвоени за време на студирањето, заедно со другите квалитети, како што се креативноста, одговорноста, истражувачкиот дух и тимската работа, се средства кои на младите луѓе ќе им обезбедат конкурентност при извршувањето на работните задачи. Но, професионалното оспособување е само темел за доживотно учење, кое со оглед на брзиот развој на научните дисциплини и технологии се јавува како услов во сите професии. За квалитетен информатичар, освен врвно образование од областа на компјутерските науки и технологии, се потребни и логичко и креативно размислување. Теоријата може да се научи, да се изрецитира на испит, но кога во практиката ќе се соочите со проблеми кои ги нема во „збирката решени задачи“ ќе мора да ги вклучите сите ваши капацитети за да дојдете до вистинското решение, имајќи ги притоа предвид сите ограничувања, расположиви ресурси, временски рокови, стабилност и безбедност на решението. Воедно, информатичарот треба да биде љубопитен и комуникативен. Низ комуникацијата со вработените и колегите да ги осознае вистинските текови на процесот кој треба да се автоматизира, да ги слушне нивните забелешки за постоечката ситуација, но и нивните видувања за потенцијално унапредување на системот за работа и перспективите за развој. Љубопитноста, пак, ве поттикнува освен она што ќе ви биде дадено како техничка документација, како и сознанијата добиени низ комуникацијата со луѓето вклучени во процесот кој треба да го автоматизирате, самостојно да ги разгледате и анализирате проблемите, па дури потоа да пристапите кон нивното решавање.

  1. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?

Во секоја генерација има интелигентни и способни млади луѓе. Во поглед на мотивираноста и амбицијата не мислам дека се поинакви од времето кога јас студирав. Она што е различно е поголемата достапност на наставничкиот кадар, полесниот пристап до современа литература, олеснувањата што ги нуди универзитетскиот електронски систем и секако можноста за меѓународна размена.

Денешните студенти имаат посовремени услови за работа. Имено, ние како студенти на насоката Компјутерска техника и информатика имавме минимални ресурси (персонални компјутери со RAM меморија 4-16 МB, без дискови, магнетните ленти беа луксуз, флопија од 360 KB – само ако имате среќа...), така што морате да смислувате стратегии и начини како со она што ви е на располагање да ја завршите задача. И токму тука доаѓа до израз длабочината на вашето рабирање на проблемот, познавањето на фундаменталните вештини поврзани со информатичката проблематика, креативноста и снаодливоста да изнајдете оперативно и издржано решение во крајно ограничени услови. Денешните студенти го уживаат луксузот на речиси неограничени ресурси и тоа во секој поглед: од процесорска моќ и брзина па сѐ до, практично, неограничени ресурси во однос на RAM меморијата, капацитетот на дисковите, графичката поддршка, новите развојни алатки кои се визуелно ориентирани заради олеснување на процесот на програмирање... Дури и најслабата варијанта на денешните „паметни телефони“ има ресурси кои со стотици – илјадници пати ги надминуваат оние капацитети кои нам ни биле на располагање.  Исто така, го имаат интернетот како една масовна ризница на интернационално знаење и идеи достапна секому.

  1. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Тешко е да се даде одговор на ова прашање. Од една страна, треба да биде врвен стручњак во својата област, да ги следи и имплементира новите научни сознанија и технички решенија, но да биде воедно и педагог кој ќе знае да ги мотивира своите студенти во правец на постигнување што подобри резултати во студирањето. Впрочем, имаме и примери на врвни експерти во своите области, на кои никој не може да им ја оспори стручноста и владеењето со материјата, а едноставно го немаат талентот тоа свое знење и искуство да им го пренесат на помладите генерации, но затоа пак се одлични во проектите кои ги реализираат.

  1. Кои се придобивките од воведувањето на ЕКТС во студиите?

Сметам дека една од најзначајните придобивки на Европскиот систем на трансфер на кредити е да им овозможи поширока мобилност на студентите и професорите во рамките на европското образовно подрачје. Исто така, при потенцијалното членство на нашата земја во Европската унија треба да овозможи полесно интегрирање на нашите кадри во европскиот општествен систем. Воведувањето на ЕКТС во студиите предвидува редовно следење на наставата, но и континуирано оценување и индивидуална работа, особено со подобрите студенти, на кои би им се овозможило стекнување пошироки знаења. При имплементацијата на овој систем се видливи и недостатоци, па сметам дека треба да се изработи студија која би ги истражила бенефитите и недостатоците заради што подобро адаптирање на системот кон потребите на нашето општество.

  1. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Предавањето е во многу нешта слично на театарот, затоа што се потребни: добар текстописец и текст, добар сценарист и режисер, актер во насловната улога, провокатор и активна публика во аудиториумот а не дрвени кукли кои седат во клупите колку да не им се пише минус дека не биле на час. Задача на професорот е да одбере учебник (текст) од квалитетен автор кој знаел материјалот за предметната содржина да го оформи како компактен и јасен текст, разбирлив за студентите кои за првпат се среќаваат со одредена материја. Професорот, како сценарист, режисер и главен актер во претставата наречена предавање мора да го осмисли сценариото на предавањето, режисерот да го оформи на начин интригантен за публиката, а главниот актер тоа да го преточи на сцена (катедра, табла, дисплеј, како сакате), со цел да го привлече и одржи вниманието на публиката (студентите). Истиот тој професор, инаку сценарист, режисер и главен актер, мора да биде воедно и провокатор, за да ја наведе публиката да се активира да размислува, да поставува прашања, да дава коментари и мислења, ставови и слично, земајќи со тоа активен учество во претставата наречена предавање. Само во една таква ситуација имате една колективна атмосфера која има за цел активно споделување на знаењата, мислењата, дилемите и идеите. Но воедно имате и студенти кои за цело време внимателно го следат предавањето и активно учествуваат во него, а не се само обична сценографија и декор.

 

  1. Која е Вашата порака до студентите? 

На студентите би им порачала да ги искористат сите потенцијали кои Факултетот за информатика им ги става на располагање за потребите на што поквалитетно студирање, од стручен и посветен наставнички кадар до богат фонд на книги и информатичка опрема. Нека секој од нив во потполност го почувствува универзитетскиот дух и нека ја доживее динамиката на академскиот живот. Им посакувам успех во учењето и напредок во струката што ја избрале.

Последен пат изменето на Понеделник, 30 Мај 2016 16:15
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…