Интернационализација – главен приоритет на активностите на Националната агенција за образовни програми и мобилност

Еден од главните предизвици во работењето на Националната агенција за образовни програми и мобилност во наредниот период (2021-2027) ќе биде интернационализацијата. Ова го изјави директорот на Агенцијата, Марко Ѓоргиевски, кој имаше средба со ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, проректорот за настава и студенти проф. д-р Мишко Џидров и со координаторката на Еразмус плус програмата на УГД, м-р Сања Стефанова.

- Во новата програма за периодот 2021-2027 година се очекува буџетот на програмата Еразмус плус да биде зголемен двојно и поради тоа сме овде на УГД, да разговараме за тоа кои се најбитните предизвици кои следуваат. Една од најбитните работи е интернационализацијата, бидејќи ние ќе се залагаме таа да биде пренесена и на нашите универзитети, да имаме што е можно повеќе студиски програми на странски јазици, на англиски јазик, за да можеме да станеме интересни и како универзитети и како држава за странски студенти. Разговаравме и за видливоста на програмата Еразмус, како да се подобрат некои работи, како да се зголемат капацитетите,  бидејќи мораме во наредниот период да ги зголемиме мобилностите кои се шанса за сите млади луѓе, дали преку младински размени, дали преку студирање на семестри надвор од нашата земја, ќе претставуваат подобрени вештини по враќањето во Македонија, со тоа што подобро ќе бидат прифатени и на пазарот на труд – изјави Ѓоргиевски.

Универзитетот „Гоце Делчев“ со сите чекори кои досега ги има преземано е подготвен за интернационализацијата која се најавува од националната агенција, вели Еразмус координаторот на УГД, м-р Сања Стефанова.

- УГД веќе подготвува студиска програма на англиски јазик на Факултетот за медицински науки. Досега имавме на Факултетот за информатика, но исто така секој професор е обврзан доколку има странски студент да подготви програма, начин на држење на предавања и полагање на испити на англиски јазик. Во овој сектор интензивно работиме во изминатите пет години, веќе имаме план, база, и ги знаеме можните проблеми. Се надевам дека во иднина голем дел од програмите ќе бидат уште поотворени, не само за студентите преку програмата Еразмус плус, туку и на интернационално ниво, за студентите од странство кои сакаат да студираат на УГД.

Стефанова потсетува и дека УГД и покрај Ковид кризата продолжува да ги реализира Еразмус плус мобилностите. Завршен е Конкурсот и се очекува над 25 студенти од септември да заминат на некои европски универзитети и да доаѓаат студенти на УГД. И покрај тоа што голем дел од мобилностите беа откажани, УГД одговори на предизвикот со тоа што дел од наставата и мобилностите се онлајн. 25 студенти од странство се присутни на УГД, а 12 (од Италија, Полска, Србија итн.) студираат онлајн преку платформата Microsoft teams. Овој тренд потврдува дека програмата Еразмус плус останува отворена и за студентите на УГД и за оние кои од другите држави и универзитети ќе дојдат на УГД.

 

Последен пат изменето на Петок, 19 Март 2021 10:24
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…