УГД домаќин на Работилница за имплементирање на нови форми на настава на отворено

Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип беше домаќин на Работилница од проект поддржан од Вестерн Балкан алумни асоцијацијата, посветен на изнаоѓање на нови начини на реализација на настава на отворено, процес кој стана извонредно актуелен поради Ковид пандемијата.

- Оваа активност има за цел да ни покаже, односно да дојдеме до начини како да го организираме наставниот процес на отворено, односно како наставниот процес, независно дали во основно, средно образование или на универзитетите да го префрлиме од училниците и предавалните на отворено. Преку различни интерактивни работилници денес работиме на тоа кои се предностите на тоа што сме на отворено. Ковидот ни покажа дека наставниот процес не може да се одвива на начинот на кој се одвиваше  и дека мора да најдеме решение бидејќи социјализацијата и одредена меѓусебна интеракција, фидбекот од учениците, студентите недостасува, и затоа мораме да бараме решенија. Едно од решенијата е настава на отворено. Идејата е да најдеме начини и форми како да го направиме тоа, кои се пристапите и начините, како да ја организираме средината, што ќе ни биде потребно за успешно да реализираме еден ваков наставен процес, и на крајот на денот повторно да се вратиме во некоја нормала каде што ќе имаме и интеракција и комуникација, но и ќе го зачуваме здравјето како највисок приоритет, а сепак непречено ќе се одвива наставниот процес. Од друга страна, идејата ни е да ги искористиме сите ресурси, да размислуваме малку пошироко за тоа што како потенцијал и ресурс природата нуди. Учесници се претставници од УГД, Педагошкиот факултет од УКИМ, Меѓународниот балкански универзитет и од Универзитетот во Тетово, Факултет за спорт и физичко образование – изјави Билјана Попеска од Универзитетскиот спортски и културен центар на УГД.

На работилницата, како учесник беше и проф. Марјан Малцев од Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој смета дека овој проект може да биде основа за проширување на наставата на отворено и на други предмети, освен на наставата по Физичко воспитување за која и досега се практикува:

- Ова е воспитно-образовен експеримент за да видиме како да ја доближиме природата до нашите студенти и ученици. Целта е потполно оправдана, особено во овие услови на затвореност во нашата земја во согласност со ковид ситуацијата и се надевам дека овие напори ќе вродат со плод. Мислам дека поднебјето во нашата земја дозволува повеќе од 50% од наставата по физичко воспитување да се реализира надвор од училиштето. Сметам дека тоа треба да се користи и во наставата од другите предмети и останатите колеги да се вклучат во реализација на дел од своите наставни програми надвор од училниците, на отворено.

Сања Стефанова од Центарот за меѓууниверзитетска соработка на УГД изјави:

- Станува збор за проект кој е поддржан од VBBA Алумни асоцијацијата и е финансиран од страна на ЕУ. Главна цел е како да се придвижат образовните програми од внатре надвор. Целата инспирација за овој проект е од почнувањето на Ковид пандемијата, па инспирацијата беше да се најдат начини како професорите можат да имаат физички контакт со студентите и како тоа би можело да се изведе надвор. Проектот ќе резултира со прирачник за тоа како секој едукатор може да има група на ученици и студенти со кои ќе може предавањата и вежбите да ги изведува во природа. Се надевам дека ова ќе биде само почеток на активностите кои УГД во иднина ќе ги имплементира надвор. Ова е еден исчекор во високообразовните процеси и можеме да ја искористиме животната средина како средство за едукација, креативност и забава на студентите.


Видео

Последен пат изменето на Петок, 17 Септември 2021 10:27
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…