Хибридни предавања на Економски факултет

Ковид кризата придонесе дел од технолошките иновации кои неминовно се наметнуваат во образовниот процес да се имплементираат побргу. Тоа е случајот и со хибридното образование.

- Денес за првпат на Економскиот факултет организираме хибридно предавање со мала група на студенти, каде што имавме пет студенти присутни во предавална и останатите 12 студенти онлајн, преку платформата Microsoft teams. Идејата е да се подготвиме за иднината на образованието, токму тоа, хибридно предавање, каде што студентите и предавачите ќе имаат можност да изберат дали ќе бидат присутни во предавална или ќе го слушаат предавањето од својот дом, од патување, од каде било. Работењето и образованието од дома е нешто што со години се подготвува, но поради ковид кризата забрзано се применува. Ние сѐ уште сме во ковид криза, но веруваме дека штом ќе заврши ќе се отворат можности за хибридна настава на ниво на цела држава и истото законски да се овозможи. Сепак, додека е ваква ситуацијата ќе гледаме што повеќе да применуваме хибриден метод на настава, со тоа што студентите ќе имаат можност да изберат дали ќе дојдат на предавањата или ќе ги следат онлајн. Денес првпат студенти кои се запишани во 2020 г. имаа можност да дојдат во предавална и да се видат со професорот, бидејќи две години поради пандемијата предавалните беа празни, што според мене е голем хендикеп за овие генерации и тука сме заедно тој хендикеп да го надминеме. Ова хибридно предавање не е поврзано само со ковид кризата, бидејќи има универзитети кои уште одамна овозможуваа целосно онлајн настава и високо образование и диплома, каде што целиот процес се одвива токму онлајн. Со ковид кризата сите универзитети ширум светот беа принудени да имаат онлајн настава. Ние како УГД сме пионери во многу области во нашата држава и бевме подготвени да преминеме веднаш онлајн, со тоа што сега предизвикот е малку поинаков, бидејќи во тој процес ги видовме и слабостите што се јавуваат во наставата, а овде мислам најмногу на испитувањето, кој процес може да биде многу пореален и ефективен кога е во живо, со физичко присуство – изјави проф. Златко Бежовски од Економскиот факултет при УГД.

Според професорот Бежовски, хибридното образование е иднината, затоа што чистото онлајн образование има некои недостатоци, пред сѐ, можноста да се запознаат студентите меѓу себе кога ќе дојдат на предавање е многу значаен дел од студирањето, но и можноста да се спроведат реални тестирања во реални услови, во предавална, се многу битен елемент од процесот на образование за да студентите излезат со навистина квалитетни знаења и подготовка.

 

Последен пат изменето на Четврток, 21 Октомври 2021 14:50
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…