Филолошкиот факултет ја одбележува Неделата на италијанскиот јазик

Во годината кога светот одбележува 700 години од смртта на Данте Алигиери, Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип даде свој придонес за достојно одбележување на големиот јубилеј. 

XXI Недела на италијанскиот јазик беше посветена токму на овој јубилеј, а Катедрата за италијански јазик организираше настан на тема „Светот на Данте во колективната меморија - јазични и визуелни аспекти“. 

Професорите доц. д-р Јована Караникиќ-Јосимовска, доц. д-р Ана Витанова-Рингачева, проф. д-р Ева Ѓорѓиевска, доц. д-р Милена Ристова-Михајлова, заедно со студентите од Катедрата за италијански јазик и книжевност и Катедрата за македонски јазик и книжевност, дадоа свој придонес во расветлувањето на Дантевата поетика, можните компаративни согледби преку примери од македонската фолклористика, светската книжевност, но и визуелизација на мотивите и сликите кај Данте: рај/пекол, живот/смрт, добро/зло, светлина/мрак, преку ликовните дела на Школата за уметност „Нова визија“ при Академија Еуроарт. Настанот го поздравија и директно се вклучија: амбасадорот на Република Италија г. Андреа Силвестри, професорот Марко Пешетели, како и проректорот на УГД проф. д-р Мишко Џидров, професори и студенти од Филолошкиот факултет.

- Професорите и студентите од Катедрата за италијански јазик и книжевност и Катедрата за македонски јазик и книжевност ја одбележуваат оваа недела, која е во знакот на 700 години од смртта на Данте Алигиери, кој се смета за татко на италијанскиот јазик. Во одбележувањето е вклучена и Школата за ликовни уметности „Нова визија“ од Академијата Еуроарт, чии членови твореа на тема „Борбата помеѓу доброто и злото“, што е всушност инспирација од „Божествената комедија“ на Данте Алигиери – вели доц. д-р Весна Коцева, продеканка на Филолошкиот факултет.

Според доц. д-р Јована Караникиќ, раководителка на Катедрата за италијански јазик и книжевност, настанот на Филолошкиот факултет е втор посветен на 700 години од смртта на Данте Алигиери.

Првиот настан се одржа во март, кога се одржа работилница на тема „Сетилната поетика во делата на Данте Алигиери“. Денес акцентот е на интеркултурниот аспект, со теми како поврзаноста помеѓу македонската културна традиција и делото на Данте, потоа јазичните аспекти, односно современиот македонски јазик и делото на Данте, термини и изрази кои и ден-денес се присутни во италијанскиот јазик, а потекнуваат од „Божествената комедија“, како и Данте – споредба со други класични автори како Гете, Вилијам Блејк... Денес, исто така, ги презентираме резултатите од теренското истражување на тема „Средновековна литература“, кое колешката Милена Ристова-Михајловска го спроведе со своите студенти – изјави д-р Јована Караникиќ.

 

Последен пат изменето на Петок, 22 Октомври 2021 12:17
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…