Интервју со проф. Методијески: Создаваме технички, концепциски и човечки менаџерски вештини кај студентите

Интервју со доц. д-р Дејан Методијески

1. Кои се некои од клучните моменти кои влијаеле во оформувањето на вашата кариера, од самиот почеток па до денес?

Сметам дека еден од најважните моменти е создавањето на работна навика која преку домашното воспитание моите родители успеале да ја оформат кај мене. Мојот татко беше долги години угостител, па се сеќавам дека уште како шест годишно момче кај мене се појави интерес за оваа професија, а работев во приватниот сектор се до вработувањето на Универзитетот во 2008 година. Така, туризмот и угостителството се она кое практично сум го работел целиот живот и она кое преку образовниот процес го надополнив од теоретска гледна точка. Вториот клучен момент во оформувањето на мојата кариера е институцијата во која работам и колегите со кои соработувам. УГД е институција која со своите поставени современи норми на работење и тенденција на позитивен развој и следење на светските трендови во образованието успева правилно да го насочи својот кадар. Од страна на колегите со кои соработувам, тимски и секојдневно го надополнуваме своето знаење во процесот на градење на Факултетот за туризам и бизнис логистика кој го чувствуваме како свое чедо и заеднички се радуваме на успесите кои ги бележиме.

2. Кои се вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Не постои тема од туризмот и угостителството која не заслужува внимание и на која не би можеле да дискутираме. Иако немам омилени теми, сепак би ги издвоил меѓународниот туризам, хотелиерството, туристичките агенции, руралниот туризам, туристичката политика, туристичкото водење на групи и практичната работа на студентите. Во овие теми најмногу се пронаоѓам, секојдневно работам проблематика поврзана со нив и најголемиот дел од моите истражувањата се насочени токму во овој правец.

3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што ви го привлекувале вниманието на почетокот на вашата кариера?

Отсекогаш ме интересирало сè што е поврзано со туризмот и угостителството. Патувам често, па така искуствата од различните земји кои ги посетувам и сè она што ќе го видам се обидувам да им го пренесам на студентите. Според мене областите постојат за да направиме одредена рамка или за статистички цели, во реално време мултидисциплинарноста е се позастапена во светски рамки. Туризмот како наука содржи повеќе области, а јас како човек не сакам да се ограничувам па своите истражувања од почетокот на својата кариера ги насочувам во различни области, најчесто се она што е интересно и актуелно во светски рамки.

4. Дали мислите дека постои одреден тип на луѓе кои што се створени да бидат менаџери од областа на туризмот и бизнис логистиката? Кои вештини им се потребни?

Во суштина називот на дипломите со кои се стекнуваат студентите на ФТБЛ по завршувањето се дипломиран менаџер по туризам, бизнис логистика и др. Програмите по кои се изведува наставата се конципирани на основа на познатите светски универзитети од оваа област и целосно сме насочени кон создавањето на технички, концепциски и човечки менаџерски вештини кај студентите. Од друга страна, практичната работа на која посветуваме големо внимание, им дава можност на студентите да се запознаат со работните процеси во компаниите и да ги стекнат потребните менаџерски вештини по природен пат.

5. Какви се, според вас, денешните студенти, во споредба со студентите во минатото?

Денешните студенти се во предност во однос на студентите од минатото, бидејќи процесите на реформирање на високото образование во нашата земја се во позитивна насока. Од друга страна, глобализацијата, отвореност на пазарите, трансферот на капитал и слободното движење на студентите во голем степен го олеснуваат начинот на студирање и подоцнежно остварување на студентите во одбраната од нивна страна професија. Во денешно време научните достигнувања ни се многу поблиску, подостапна е соодветната стручна и научна литература, а интернетот овозможува информациите од секоја област од интерес на студентите да бидат на дофат на дланка.

6. Што за вас значи добар универзитетски професор?

Најважното според мене е професорот да ја сака својата работа, а студентите се нашата работа ние сме тука поради нив. Професорската работа е благородна работа, во која ги образуваме идните лидери од соодветните професии кои треба да го направат подобро општеството во кое живееме. Универзитетскиот професор треба да биде добро поткован со знаење, креативен, да ги следи современите трендови во науката, да дава придонес преку публикување на трудови и изработка на истражувачки проекти, да ја познава литературата, да има педагошки приод во односот со студентите и да биде достапен за нив.

7. Кои се, според вас, бенефитите на воведувањето на ЕКТС во студиите?

ЕКТС системот ја доближи нашата земја до европското универзитетско семејство и бенефитите се големи. Концептот кој успешно е применет од страна на УГД, дозволува слободен трансфер на студентите и признавање на стекнатата диплома во рамките на Европа. Во суштина, преку ЕКТС се регулира студентската ангажираност и времето потребно за комплетирање на сите планирани образовни активности, како присуство на предавања и вежби, семинарски работи, тимска работа и самостојно учење, проектни задачи, домашни работи, есеи, бизнис планови, семестрални трудови, испити, практична работа и слично.

8.Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на вашите предавања?

Предавањата се многу важни за студентите, затоа секогаш сум се трудел да ги направам освен полезни така и интересни за следење од страна на студентите. Во основата на моите предавања е поставена интеракцијата меѓу професор и студент, односно студентите не се само пасивни слушачи туку се обидувам да ги вклучам колку можам повеќе во наставата. За мене е важно да бидат поставени прашања и да го извадам на површина критичкото размислување на студентите, каде ќе дискутираме и споделиме мислење за различни теми поврзани со наставната програма. Предавањата содржат најнови информации поврзани со предметите кои ги предавам, во процесот на настава користам и различни техники како видео презентации, теренска настава и гостин предавачи кои се истакнати стручни лица од праксата.

9. Која е вашата порака до студентите?

Дел од вредностите кои ги градиме на УГД се насочени кон развој на претприемачкиот дух и иновативноста кај студентите. Најголемиот дел од успешните бизниси кои ги познаваме се започнати од почеток и развиени до стадиумот на кој се наоѓаат денес. Мојата порака до студентите е да не се обесхрабруваат и плашат, туку да чекорат цврсто, да веруваат во себе и да ги градат своите идеи на основа на знаењето кое го стекнуваат. Вратата на ФТБЛ ќе биде секогаш отворена за студентите како за време на нивното студирање, така и по завршувањето на студиите за совет, поддршка и заедничка соработка.

Последен пат изменето на Четврток, 10 Март 2016 15:49
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…