Интервју со проф. Дарко Андроников: Потребно е повеќе да се комуницира со студентите

1. Кои клучни моменти влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес? 

Изборот на средното училиште (завршив средно хемиско училиште во Велес) е мојата најдобра одлука во животот. Основата на хемијата ја совладував таму. Имав одлични професори од кои можеше многу да се научи. Вториот момент се постдипломските студии во Љубљана. Видов други системи со одлични услови (мислам на Словенија, Италија, Австрија...) и едноставно ме надградија со знаење.

2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Храната и исхраната... Особено делот за месото, каде што се чувствувам свој. Цел живот, до денес по дипломирањето сум во прехранбената индустрија, приближно 19 години.

3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Од минатата година на Технолошко-техничкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип имаме нова насока Прехранбена технологија. Технологијата на месо е областа во која целосно сум фокусиран особено делот на трајната програма.

4. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат текстилни инженери? Кои вештини им се потребни?

Не, не постојат создадени... треба да се пронајдат, да се создадат и да се видат себеси како инженери (па потоа да се поделат каде припаѓаат: во текстилната, прехранбената, органската, неорганската технологија).

5. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?

Мислам дека им е многу полесно од минатото во секој поглед. Ќе спомнам само дека не полагаат приемни испити... па сѐ до можноста да се замине на размена на студенти во некоја европска држава... тоа некогаш беше невозможно. Но, студентите се тука на факултет, треба да се работи многу повеќе со нив, како групно така и поединечно.

6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Тешко прашање? Секаде во Европа професорот ја игра главната улога околу создавањето на студентот во професијата. Мора реално да оцени колкав е капацитетот на секој студент. Професорот мора да биде полн со знаење, отвореност, коректност и да биде со широки погледи...

7. Кои се придобивките од воведувањето на ЕКТС во студиите?

Придобивките или слабостите ќе ги согледуваме по одреден период, по пет до десет години... Добрите работи треба да ги преземаме, а лошите да ги отфрламе...

8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Се трудам со многу примери да им го задржам вниманието... Да размислуваат во моментот, да се тука... Едноставно, потребно е повеќе да се комуницира со студентите.

9. Која е Вашата порака до студентите?

Учете јазици, бидете упорни и свои. Бидете редовни, слушајте и купувајте сѐ што можете од предавањата и вежбите на професорите и асистентите. Користете ја можноста за размена на студенти со другите универзитети.

Последен пат изменето на Среда, 23 Март 2016 13:34
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…