Интервју со проф. Мишко Џидров: Студентите треба да имаат сериозен пристап кон студирањето

1. Кои клучни моменти влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Има неколку клучни моменти кои влијаеја на мојата кариера. Мора да ја споменам љубовта кон математиката која беше всадена во мене уште од најрана возраст и ми помогна да немам страв при изборот за студирање на технички факултет.

Потоа, со запишување на Машинскиот факултет во Скопје знаев во која насока ќе се одвива мојата кариера. Тогаш гледајќи ги проблемите кои се појавуваа во компаниите поради расчекорот кај клучниот кадар во поседувањето на менаџерски вештини и техничкото знаење решив моето образование да биде токму во областа на индустриското инженерство. Подоцна, по препорака на моите професори, избрав да го продолжам моето образование надвор од државата. Сето тоа влијаеше на мојата кариера и погледите на областа во којашто се решив да градам кариера. Сѐ уште оставам нови предизвици да влијаат на мене и на мојата кариера и да ме мотивираат за преземање на нови чекори во мојот живот.

2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Целата областа што ја покривам на Машински факултет - индустриско инженерство и менаџмент ми претставува задоволство да ја предавам. Не можам да кажам кој предмет ми е омилен за предавање, но сепак на моите предавања постои поголем жар за темите кои се блиски до она што го имам претходно работено.

3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Моменталните области на коишто сум сконцентриран се поврзани со областа што ја покривам со предавањата на Машинскиот факултет, а тоа е областа индустриско инженерство и менаџмент. Областите што ме привлекувале во текот на развојот на мојата кариера биле или од областа или многу блиски до мојот сегашниот интерес. Сепак, постојат примери на соработки, истражувања и проекти кои придонеле да се прошири мојот интерес за некоја нова област, а сето тоа резултирало со изготвени трудови од таа област. Се надевам дека со исто темпо ќе можам да ја следам областа во која сум сконцентриран и промените во истата, а пак сето тоа да придонесе во понатамошен развој на мојата кариера и проширувањето на моите интереси.

4. Дали мислите дека постои одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат машински инженери? Кои вештини им се потребни?

Не можам да кажам дали постои одреден тип на луѓе предодредени да бидат машинци, но знам дека со посветеност на студирањето може да се произведе добар машински инженер. Основните потребни вештини нашите студенти ги добиваат преку нашите студиски програми, а реалните вештини кои ќе им бидат потребни во деловниот живот пред сѐ ќе зависат од тоа каде ќе се вработат. Најразновидни се областите на индустријата. Ако нашите студенти солидно ја стекнат основата со знаење што ние ја нудиме на Машински факултет, ќе можат да се снајдат многу лесно со предизвиците на секое работно место. Во новите студиски програми, освен машинството и индустриското инженерство, ќе бидат вметнати и сѐ побараните вештини од индустријата, а тоа се критичкото размислување, добрата комуникација, тимската работа и развивањето на желбата за доживотно дообразување.

5. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?

Споредбата можам да ја направам во повеќе сегменти. Достапноста на материјалите за учење не само преку системите на УГД, туку и преку интернет многу го олеснува студирањето. Изработката на семинарски и дипломски работи никогаш не била полесна, пред сѐ поради лесната достапност на материјалите. Новите технологии во целост го сменија начинот на предавање, а тоа влијаеше и на интересот кај студентите. Можностите за размена и студирање во друга држава сѐ повеќе и повеќе се присутни, а тоа секако се одразува позитивно на студирањето. Достапноста на професорите е, исто така, променета и сега професорот е достапен на неколку платформи за комуникација истовременото. Можам да кажам дека едно е останато исто, а тоа е посветеноста кон студирањето. Од студентот зависеше и ќе зависи каков ќе биде неговиот пристапи кон студиите и каков ќе биде неговиот однос и почит кон професорите.

6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Од мое лично искуство, професорите кои имаат искуство и тоа искуство успеваат да го поврзат со предаваниот материјал успеваа да го задржат моето внимание во текот на предавањето. Таков професор се обидувам да бидам и јас. Морам да ја споменам и важноста на комуникација со студентите. Таа мора да биде на добро ниво и да придонесе да се намали разликата помеѓу студентите и професорите. Секако важни се и научноистражувачката работа на професорот, знаењето и усовршувањето во областа, техничката подготвеност и следењето на новите технологии, проектната активност итн.

7. Кои се придобивките од воведувањето на ЕКТС во студиите?

Сметам дека системот е добра идеја. Со тоа што овозможува студентите да имаат мобилност во Европа, претставува една добра можност за поврзување не само на студентите со Европа, туку и на универзитетите. Доаѓањето на студенти и испраќањето на наши студенти на други универзитети придонесува за зголемување на знаењата на студентите, за проширување на видиците, за зголемување на мултикултуризмот на УГД и низ Европа.

8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Повеќе фактори треба да функционираат во ист момент за да може да се задржи вниманието на студентите. Начинот на зборување е важен, па се обидувам да бидам сликовит и со јасни и разбирливи реченици да го презентирам изучуваното. Нивната вклученост во предавањата ја сметам за важна, па затоа често поставувам прашања за да ги поттикнам да се вклучат во отворена дискусија. Можноста студентот да постави прашање или да се коментира нешто е исто така важна. Изгледот на она што се презентира, дали е во форма на презентација, на табла или во друга форма, мора да биде приготвено на интересен и разбирлив начин.

9. Која е Вашата порака до студентите?

Мојата порака до студентите би била да се имаат сериозен пристап кон студирањето. Искористете го знаењето на професорите за да најдете насоки во вашата кариера. Ова се едни од најубавите години во вашиот животот, но за многу краток период ќе се сретнете со суровата реалност. Таму се потребни знаење, вештини, снаоѓање, итрина, проактивност... Мора да се научите да „отворате врати“ и сами да си создавате шанси во животот. Знаењето и упорноста се исплатливи на долг рок. Останете мотивирани и по еден, два или сто порази. Крајот е само тогаш кога ќе се откажете.

Последен пат изменето на Понеделник, 28 Март 2016 13:46
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…