Интервју со проф. Борка Тушевска: Нашите студенти треба да се споредуваат со странските студенти

1. Кои клучни моменти влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Клучен момент во создавањето на почетоците и градењето на мојата кариера беше желбата за истражување, љубопитноста спрема правото и принципите на кои почива правдата, справедливоста, правичноста. Како клучен момент особено го истакнувам интересот за приватното право и уредувањето на односите помеѓу приватните субјекти во сферата на граѓанското, особено на деловното право.

2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Да не звучи како клише дека нема тема од областа на деловното право што не ми е омилена за предавање, ќе издвојам неколку теми: принципи на меѓународното трговско право/меѓународната трговија, меѓународна продажба на стоки и услуги, концептите на застапување на трговските субјекти во националното и меѓународно право, концептот на основање на трговските субјекти според македонската и европска легислатива итн. Зошто омилени?! Преку овие теми студентите можат концепциски и системски да навлезат во повеќе сегменти на проблематиката на деловното право. Ако предавате налог или дело, застапување или продажба, потенцијално сте им ја објасниле правната природа на повеќе договори како sui generis институти на приватното право. Имено, изучувајќи го договорот за меѓународна продажба, студентите посредно се запознаваат со правилата за транспорт, осигурување, контрола на стока, шпедиција, складирање, како системски врзани и условени една од друга трансакции во контекст на меѓународна трговија.

3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Правото е системска целина. Не можете темелно да познавате ниту една област од правото без да имате познавање од други сродни или помалку сродни области/дисциплини во рамки на правниот систем. Тоа е концептот што постојано им го нагласуваме на студентите на предавање и вежби. Сепак, мојот фокус е во полето на деловното право. Тоа е областа со која се занимавам од почеток на мојата кариера и област што суштински влијаеше врз изборот на моите магистерски и докторски студии во областа на деловното право.

4. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат правници? Кои вештини им се потребни?

Апсолутно не. Клучен е интересот, односно љубопитноста, преференциите за изучување на правото. Битен е правниот резон, правната логика и правилното толкување на позитивното право. Битно е правилното осознавање на принципите/начелата врз кои се базира правниот систем.

5. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?

Моето искуство во областа на високото образование е 8-годишно. Во рамки на овој временскио период не можам да кажам дека споредбено постoи голема разлика. Можеби тоа подобро можат да го кажат професорите кои имаат подолга кариера и искуство во високото образование. Сепак, истакнувам дека според моето искуство постојат студенти кои покажуваат поголем и студенти кои покажуваат помал интерес за правото. Во целокупниот образовен процес сметам дека за интересот на студентите од исклучително битно значење е квалитетот на предавањата, координацијата на предавањата со вежбите и соодветна предметна литература што им се нуди на студентите.

6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Професор кој од педагошко-методолошки аспект знае да го пренесе знаењето на студентите. Професор што о има концепт на предавањето и добро осмислени вежби за студентите. Од исклучително битно значење е професорот да им понуди на студентите добра литература, како задолжителна, така и факултативна. Литературата да кореспондира со наставниот курикулум што професорот ќе им го понуди на студентите на почетокот од семестарот.

7. Кои се придобивките од воведувањето на ЕКТС во студиите?

Единствено што студентите имаат задожителна обврска да доаѓаат на предавање и што континуирано мора да следат настава, што само по себе не значи дека студентите ќе ја совладаат и материјата. Потребно е нивно активно учество, концентрација, интерес за материјалот што се предава и активно учество во вежбите.

8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Од моето искуство како универзитетски работник, ми се чини од клучно значење е секое предавање да има структура, концепт и поента. Секој институт од предвидените методски единици да се објасни преку генезата на нивното настанување, да се доведат во врска со современата примена во практиката и да се види нивната законска уреденост. Конкретно, од областа на деловното право, од исклучително битно значење е да се објасни оправданоста на институтите, нивната функционалност во контекст на потребите на стопанството, анализата на законските решенија (нивните предности и слабости) и анализа на судската практика која ќе ја манифестира имплементација на легислативата. Конечно, сметам дека од круцијално значење за едукацијата на студентите е темелно изучување на теоријата и осозновањето на различните теоретските становишта за конкретни правни прашања. Сметам дека добрата теоретска поткрепа е од клучно значење за правилното практицирање на правото.

9. Која е Вашата порака до студентите?

Да учат темелно, суштински, а не површно. Да ги совладуваат концептите на кои се базира правниот систем, принципите и начелата на кои почива правото. Да учат системски за да стекнат знаење, а не за да ги положат испитите. Да се надградуваат и да се компарираат со студентите од останатите држави во регионот и пошироко.

Секоја можност (Еразмус размена на студенти итн.) да ја искористат за престој на друг универзитет, да контактираат и да разменуваат идеи со студентите од другите универзитети во Република Македонија. На студентите до трета и четврта година им порачувам да анализираат судска практика, да истражуваат и резонираат правнички. Како една општа порака до сите студенти - да имаат самодоверба во себе и доколку не го сакаат правото и немаат љубопитност за негово изучување навреме да се пронајдат во друга професија.

Последен пат изменето на Среда, 06 Април 2016 11:44
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…