Интервју со проф. Стеван Габер, Економски факултет: Најважен е пристапот на студентите и нивната желба за напредок

 

  1. Кои клучни моменти влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Можеби еден од најважните моменти е одлуката да го надградам своето образование во економијата во потрагата по нови современи економски знаења, како и желбата и поривот да бидам успешен професор, кој правилно ќе ги обучи и подготви студентите да се носат со идните предизвици.

 

  1. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Мојата омилена проблематика е областа на јавните финансии или поконкретно фискалната политика. Тука во прв план се даноците, јавниот долг, буџетот и сл. Ова се теми кои се многу релевантни за благосостојбата на едно општество и од кои зависи во која насока ќе се одвива економскиот раст и развој на една држава. Прудентно трошење и инвестирање на јавните пари е многу релевантен фактор кој може да биде пресуден за подобрување или влошување на животниот стандард на граѓаните.

  1. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Да. Поширока научна област ми се финансиите, а потесна фискалната економија. Со почетокот на мојата академска кариера е определен правецот во кој ќе се развивам како академски кадар и продолжувам да се надградувам во ова фасцинантно и секогаш турбулентно подрачје од науката.

  1. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат економисти? Кои вештини им се потребни?

Да, постојат. Поголем дел од луѓето, сигурно, имаат некои предиспозиции да можат да се снајдат во економијата, но за да успеат да опстојат во едно динамично опкружување неопходни се вештини, кои денес владата се труди преку образовниот систем да ги развива кај младите. Меѓу нив предничи преприемничкиот дух, кој според мене е круцијален за да може да се поттикне тој креативен потенцијал кај младите луѓе и континуираната борба за натпреварување што води до успешност во работата.

  1. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?

Јас сум на овој Универзитетот од неговото основање и можам да констатирам една работа, а тоа е дека студентите што се трудат и што сакаат да бидат добри економисти не се разликуваат во минатото и денес. Некаде има талентирани и амбициозни студенти, а некаде има и послаби. Меѓутоа, според мене најважен е пристапот на студентите и нивната желба да се надградуваат за да бидат конкуретни на пазарот на труд.

  1. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Професор кој ќе им биде секогаш на располагање на студентите, транспарентен. Едноставно, професор кој ќе биде способен да го поттикнува тој натпреварувачки дух кај нив, што ќе придонесе да бидат амбициозни и силни луѓе.

  1. Кои се бенефитите од воведувањето на ЕКТС во студиите?

Прво и најзначајно – мобилноста низ европскиот образовен простор. Можноста да се студира на странски универзитети во некои од поразвиените земји во Европа претставува голем бенефит за студентите, но и професорите. Едноставно, имаат можност да се запознаат со нова култура, нови знаења, нови искуства, нови пријатели.

  1. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Како професор, голем е предизвикот да успеете да го задржите вниманието на студентите, па дури и да го подобрите при предавањата. Примената на практични економски ситуации проследено со теоретскиот дел во процесот на предавање во голема мера придонесува за решавање на тој проблем, а секако тука е и интерактивниот пристап.

  1. Која е Вашата порака до студентите?

Уживајте во студентските години и бидете постојано во потрага по нови знаења, кои може да бидат одлучувачки за вашите идни кариери.

 

 

Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…