Интервју со проф. Јанкулоски, Филмска академија: Најважно е да одлучите што сакате да бидете во животот
  1. Кои клучни моменти влијаеле во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Прв и можеби најважен момент е одлуката дека професионално ќе се занимавам со уметност. Оваа одлука ја донесов уште во времето кога бев во средно училиште. Тоа е најважно, да одлучите што сакате да бидете. Со што ќе се занимавате цел живот. Изборот на професија не се само три или пет години поминати на факултет, туку годините што следат по школувањето. На почетокот се интересирав само за фотографија, но со моето запишување на Факултетот за драмски уметности на Катедрата по камера започнав да ги откривам убавините на подвижната слика. Иако фотографијата и филмската фотографија имаат сличности, сепак тоа се два различни медиуми. Денес подеднакво ги користам и двата. 

  1. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Предавањата по Филмска камера се синтеза на техника и уметност. Снимателот мора одлично да владее со техниката ако сака да добие слика каква што замислил. Најмногу се задржувам на темите коишто објаснуваат како да се искористат техничките карактеристики на опремата во креативното изразување.

  1. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

Покрај мојата креативна работа како уметник доста време посветувам во истражување на старата македонска фотографија. Истражувањето го работам од 1995 година кога и го објавив првиот текст во списанието на македонската кинотека „Кинопис“. Секогаш настојувам да ги прикажам старите фотографии во еден поинаков, современ контекст и на тој начин да ги афирмирам старите автори, а од друга страна да создадам свое дело коешто креативно ќе ме исполни.                                                              

  1. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат филмски уметници? Кои вештини им се потребни?

Главната вештина е љубовта кон филмот и потребата секојдневно да се гледаат филмови. Исто така, важна е способноста наративната уметност да ја трансформираат односно да ја прикажат преку елементите на визуелната уметност. Филмот е комплексна уметност, така што секој кој сака професионално да се занимава со филм може да избере во кој сегмент на филмот ќе работи, да ја избере улогата што ќе ја толкува во процесот на создавање на филмското дело.

  1. Какви се, според Вас, денешните студентиво споредба со студентите во минатото?

Студентите се секогаш студенти. Млади, љубопитни, полни со елан, понекогаш неодговорни, со големи очекувања од професијата, од животот. Количината на информации и леснотијата со којашто се доаѓа до нив е замка што од студентите може да направи површни личности. Но, оние што сакаат вистински да се занимаваат со професијата што ја избрале знаат да ги филтрираат потребните од непотребните информации. Понекогаш се воодушевувам колку работи знаат, но и се разочарувам кога ќе видам дека не слушнале за некој светски уметник од минатото.

  1. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

Добар професор е оној кој сѐ уште се чувствува како студент. А тоа значи дека секојдневно учи заедно со своите студенти. Без разлика за која професија станува збор. Науката, техниката, уметноста, забрзано одат напред и ако професорот остане на знаењето со коешто станал професор, за помалку од еден семестар ќе премине во „лош“ професор. Професорите што се вклучени во уметничките струки, покрај педагошката работа постојано треба да се докажуваат и како автори во својата област. Со тоа даваат пример и поттик кај младите колеги.

  1. Кои се бенефитите од воведувањето на ЕКТС во студиите?

ЕКТС системот на студирање носи бенефит на студентите, затоа што имаат поголема слобода во изборот на предметите. Уметничките студии се поинакви и понекогаш како професори наидуваме на тешкотии околу бодувањето, затоа што станува збор за уметнички дела кај кои не важи правилото „точно – неточно“. Сепак се обидуваме најобјективно да ги оцениме студентите и вистински да го вреднуваме вложениот труд.

  1. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Предавањата на филмските академии се доста специфични, затоа што станува збор за мали групи, по неколку студенти. И покрај тоа, секогаш се обидувам активно да ги вклучам студентите во обработката на материјалот. Најчесто предавањата се проследени со интересни визуелни презентации, па не претставува проблем студентите со внимание да ги следат.

  1. Која е Вашата порака до студентите?

Да гледаат со отворени очи. Да бидат свесни за сѐ што се случува околу нив и никогаш да не се задоволуваат со постигнатите резултати.   

 

Последен пат изменето на Четврток, 28 Април 2016 11:55
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…