Интервју со проф. Марија Гогова-Самоников: Знаењето е најценетата институција
  1. Кои клучни моменти влијаеја во оформувањето на Вашата кариера, од почеток па до денес?

Најверојатно не станува збор за моменти, туку за процес во кој сум воспитана и образована, да ценам и почитувам комплетност. Тоа е, всушност, насоката која води во моментите кои се клучни да се биде или не – професионалец. Отсекогаш сум почитувала луѓе кои се истрајни во својата работа и кои професионално знаат да одговорат на кое било прашање.

  1. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Од мојата област - финансии, која изобилува со повеќе одделни подрачја, јас сум концентрирана на финансиските пазари, институции, инструменти и начините на нивно функционирање. Сакам да се фокусирам на тоа студентите да добијат комплетна слика за овој систем и начините на негово функционирање, при што ќе имаат на ум дека ништо не треба да се глорифицира, но ниту пак да се маргинализира.

  1. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?

На ова прашање делумно одговорив претходно. Јас сум доцент од областа финансии. Тоа е истата област која го привлекуваше моето внимание на почетокот од моето високо образование. За мене тоа беше областа која дава најтесна врска со поимот економист.

  1. Дали мислите дека постојат одреден тип луѓе кои се создадени да бидат економисти? Кои вештини им се потребни?

За кој било научен профил тој одреден тип на луѓе се оние кои сакаат тоа нешто да го изучуваат и работат. Економистите се луѓе кои сакаат добро да функционираат во општествено пропишаните системи и можат да бидат доследни на пропишаните правила за таквото функционирање. Делот со вештините во добар процент мислам дека се поклопува за сите дејности и се однесува на работна навика, љубопитност, трпение, истрајност, посветеност и на сето ова ако се надополни талент тогаш се создава успешен професионалец.

  1. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?

Студент е лице кое треба да има желба да простудира одредена област со намера таа да стане негова професија. Таквите студенти, и порано и денес, се исти. Лицата кои ја ценат науката ја ценат заради себе, а не заради времето во коешто живеат.

  1. Што за Вас значи добар универзитетски професор?

За мене значи цел. А со честа што ја имам да работам нешто што сакам, ќе се потрудам добриот универзитетски професор да го дефинирам како личност која сака наука, која дава наука, која е одговорна, транспарентна, отворена. Добар универзитетски професор е професорот кој создава синергија во наставно-научниот процес.

  1. Кои се бенефитите од воведувањето на ЕКТС во студиите?

Бенефитот од ваков систем примарно го носат студентите. Можноста за континуираниот тек и проверка на знаењето, од една страна, а рушењето на границите (за знаењето), од друга страна, е предноста на Европскиот кредит-трансфер систем. Овој систем овозможува ажурно и транспарентно согледување на себеразвојот, а истовремено е овозможена глобална слика за функционирањето на образовните системи. Универзитетот „Гоце Делчев“ спроведува една правилна форма на овој кредит-трансфер систем, која поткрепена со платформата за електронско учење на студентите значајно им го олеснува процесот на учење.

  1. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?

Моите предавања обично обработуваат примери од економските збиднувања кои се актуелни по темите кои ги обработуваме. Интерактивноста комбинирана со практичноста се покажува како добра комбинација за задржување на вниманието на личности кои се на возраст кога не сакаат само сувопарна теорија. Сепак, јас сум за правилото „пракса не може без теорија и обратно“.

  1. Која е Вашата порака до студентите?

На студентите им порачувам во животот да бидат посветени на она што го прават и ако сега се на факултет нека бидат студенти. Сѐ што вложуваат во себе останува за нив и кај нив. Во животот покрај убавите моменти сигурно и ќе паѓаат (поразлично од паѓањето на факултет), но ќе треба да знаат како да се исправат. Тоа се прави со знаење. Најценета инвестиција е знаењето. Умеењето и вештините се надградуваат. Затоа инвестирајте во себе и своето јас.

Доц. д-р Марија Гогова Самоников е професор на Економски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип

Последен пат изменето на Петок, 20 Мај 2016 11:38
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…