Еразмус студентите ги споделија своите искуства од универзитетите во Европа

Студентите на Факултетот за медицински науки при УГД кои имаа можност да реализираат Еразмус плус размена денес во Кампус 2 на УГД ги споделија своите искуства со останатите колеги и со јавноста.

Сите се речиси презадоволни од искуството што го доживеале и истакнаа дека нивото на образование што го добиваат студентите на УГД е на европско ниво.

- Моето Еразмус искуство беше во Романија, во градот Јаши, земја која ми остави голем впечаток. Студирав шест месеци на Универзитетот „Григоре Попе“, кој е еден од најстарите универзитети во Романија. Студирањето за мене беше голем предизвик. Предавањата беа на англиски јазик, а професорите беа беспрекорни во пренесувањето на знаењето. Праксата ја одржувавме во клинички центри во склоп на универзитетот. Преку праксата стекнавме големи искуства и знаења. Морам да го пофалам нашиот Универзитет во Штип, бидејќи кога студирав на европски универзитет ги добив сите можности за студирање кои се исти или слични како овде - изјави Славица Дилева, апсолвент на дентална медицина на Факултетот за медицински науки при УГД.

Студентите од Факултетот за медицински науки реализираа најмногу посети на универзитети низ цела Европа преку програмата „Еразмус плус“.

- Бев на Еразмус во Ферара, Италија, на еден од најстарите универзитети во Европа. Морам да кажам дека вежбите ми оставија најголем впечаток, затоа што се одржуваа во најмодерна болница. Имавме можност да видиме доста интересни инвазивни процедури, пред сѐ од хирургија, гинекологија, акушерство и педијатрија. Се стекнавме со практично искуство од реномирани професори од кои можевме многу да научиме - изјави Борис Роглев, студент на општа медицина на Факултетот за медицински науки при УГД.

Студентите се импресионирани од вежбите на универзитетите што ги посетиле, бидејќи во голем дел вежбите биле симулација на реални ситуации.

- Мојот седми семестар го поминав во Универзитетот „Комекија“ во Братислава, Словачка. Станува збор за еден од најстарите универзитети во оваа држава, каде што престојував шест месеци. За тој период имавме можност да следиме предавања и вежби од реномирани професори. Имавме и симулациски вежби кои беа многу слични на реалниот живот - изјави Ивана Рамбабова, студентка на Факултетот за медицински науки при УГД.

Денешниот настан беше организиран од страна на Центарот за меѓууниверзитетска соработка, од каде што истакнаа дека е во тек новиот конкурс на којшто можат да се пријавуваат нови студенти и да се стекнат со слични или исти искуства.


 

Последен пат изменето на Вторник, 12 Март 2019 14:33
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…