Студенти на УГД волонтираат на пунктот за масовна вакцинација во Штип

40 студенти од повисоките години на Факултетот за медицински науки на УГД учествуваат во реализацијата на процесот за масовна имунизација против ковид-19 во Штип. На првиот ден од вакцинацијата во Спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип на пунктовите се најдоа десетмина од нив, останатите ќе се вклучуваат во наредните смени.

- Нашата улога овде е многу важна, ние сме овде на волонтерска база. Повеќе сме вклучени во административниот дел, ги наоѓаме пациентите во „Мој термин“, ги спроведуваме до пунктовите на кои треба да се вакцинираат, им ги даваме основните информации. Вклучени сме вкупно 40 студенти. На Повикот за волонтирање се пријавија над сто студенти, а од нив беа избрани студентите од повисоките години на студирање – изјави Мартина Серафимова, студентка во шеста година на насоката Општа медицина на Факултетот за медицински науки.

Во Штип се стигнати 5000 дози на вакцини од кинеската Синофарм, а за првиот ден се закажани 1000 термини за граѓаните од Источниот и од Југоисточниот регион кои се пријавиле на сајтот vakcinacija.mk.

- Денес термините беа пуштени од десет часот, наместо од осум како што беше планирано, затоа започнавме малку подоцна. Добивме 5000 вакцини, ќе добиваме на секои 3-4 дена нови количини, денес имаме закажано 1000 термини во двете смени. Засега се опфатени највозрасните граѓани. Најстариот пријавен е 100 години, а првиот што го вакциниравме беше 92 години. Сите што се пријавени на сајтот, ќе бидат повикувани во наредните денови, ќе се намалува старосната граница на пријавените за вакцинирање. Од регионот има пријавено околу 20000 лица, бргу ќе се симне границата и ќе бидат повикувани и помладите пациенти – изјави Снежана Трајковска, директор на Здравствениот дом во Штип.

На пунктот за масовна вакцинација беше и градоначалникот на Штип, д-р Сашко Николов, кој изјави дека на првиот ден на вакцинирање се активирани сите оние на кои во претходниот период им беше одложен терминот, а дека сите ангажирани во процесот – од здравствените домови во регионот, Клиничката болница во Штип се подготвени да ги пречекаат сите заинтересирани за имунизација.

Последен пат изменето на Вторник, 04 Мај 2021 14:40
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…