Приказ на предметите според таг: umetnost

Во просториите на Француската алијанса во Сплит, во организација на Хрватско-француското здружение и Министерството за култура на Македонија, свечено беше отворена Ликовна изложба на скулптури на македонскиот скулптор Никола Смилков, под наслов „EMOCIONALNI POKRETI/EMOTIONAL MOVEMENTS“. Смилков е професор по ликовна уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Никола Смилков е роден во 1973 година во Штип, Македонија. Студирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирал и магистрирал во 2002 година во областа вајарство, во класата на проф. Драган Попоски Даде. Во 2012 година се здобил со титула доктор на науки на Факултетот за образование, Универзитет „Св. Климент Охридски“ во Битола, од областа методи за настава по уметност. Смилков присуствувал на многу меѓународни симпозиуми за време на коишто има изложено монументални скулптури и групни изложби во Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Франција, Египет и Индија.

За време на неговата професионална кариера тој реализирал неколку студиски посети, вклучително и на Cite international des arts во Париз и Прима центарот во Берлин, завршувајќи ги посетите со самостојни изложби. Како национално признание за својата уметничка работа, Смилков двапати е наградуван со прва награда за скулптурата „Димо Тодоровски“ од Македонското друштво на уметници, во 2008 и во 2016 година.

Објавено во Уметност

Под мотото „УКРАДЕНИ ДВИЖЕЊА“ од 1 до 7 јуни 2021 г. се одржува реномираниот фестивал за современ танц „Танц фест Скопје 2021“. По 17. пат се танцува на повеќе сцени во Скопје, а за првпат една од претставите ќе биде одиграна и во Домот на културата во Тетово.

На фестивалот своја програма имаа и студентите по современ танц од Универзитетот „Гоце Делчев“, а втората генерација студенти од Катедрата за современ танц при Филмската академија ќе ја изведат нивната дипломска кореографија.

Вчера (2.6.2021) свој настап имаа студентите пред бројна публика и преполна сала во Домот на АРМ во Скопје, простор во кој од неодамна е сместена катедрата по современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“.

„Скопје танцовиот театар“ ќе го одбележи својот 10-годишен јубилеј со кореографијата „Меѓусвет“ на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски и сценографија на Матеа Мијановиќ, која е инспирирана од песната „Убавите жени“ на Блаже Конески. Со оваа претстава, Скопје танцовиот театар дава свој придонес во славењето на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески и одбележување на 100 години од неговото раѓање.

Студентите од УГД ќе настапат и во петок (6.6.2021), а вчерашниот настап може да се погледне:

 

Објавено во Уметност

Деканката на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“, Катерина Деспот заедно со ликовната уметничка Васка Сандева во  НУ Уметничка галерија Тетово поставија онлајн изложба  насловена „Еклектични изохипси“. Изложбата беше поставена во изложбените простории на галеријата, но поради настанатата ситуација со пандемијата ковид-19 немаше свечено отворање, а заинтересираните љубители на ликовната уметност можеа да ја посетат со почитување на протоколите за заштита од ковид-19.

Деканката на Ликовната академија, вон. проф. Катерина Деспот, истакна дека со професорката Васка Сандева соработуваат подолг период, а резултат е токму оваа изложба, која поради специфичните услови мораше да биде изложена онлајн.

- На изложбата се претставени 20 дела во формат 90x90 см. Насловот на изложбата „Еклектични изохипси“ зборува за начинот на гледање на дводимензионалноста на пејзажот, половина од делата се изработени во техника акрил, а другата половина во техника колаж. Со професор Сандева веќе подолг временски период работиме на ваков концепт на претставување инспирирани од надворешниот простор претставен во дводимензионални композиции кои потоа се основа за реализација на реални проекти од пејзажен дизајн – изјави проф. Катерина Деспот.

Рецензент на изложбата е Александра Иванова, која во дел од рецензијата вели:

- Делата имаат топлина и урбаност, модерност и интимност, му даваат карактер и дух на просторот проширувајќи го преку употребата на перспективата која е главна карактеристика на овој концепт. Низ таа апстрактна игра на планови, перспективи и контексти која е чисто ликовна јасно се дофаќа една доминантна емоција, а тоа е слободата. Слободата да се владее со просторот и да се биде свој. Во оваа серија на слики иако се поаѓа од сосем лични мотиви, сепак на некој начин концептот се доближува до ликовноста на Густав Климт и тоа заради стилската префинетост, апстрактните позадини добиени со колажирање и користењето на златната боја. Тоа само го поврзува со текот на уметничката историја, но не му одзема од автентичноста. Со ова е оставен свој сопствен белег на мапата на една сликарска традиција авторски потпишана.

 

Објавено во Уметност

Ликовната академија и Катедрата за архитектура и дизајн при ФПТН организираа изложба, а во рамките на истиот настан и Технолошко-техничкиот факултет организира своја ревија. Овој несекојдневен настан од областа на културата и уметноста се одржа денес во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип. Интересен момент е што овој настан, согласно протоколите во време на пандемија, се одржа преку интернет.

  • Ја продолжуваме соработката со Универзитетот „Гоце Делчев“. Претставуваме изложба и перформанс. Станува збор за онлајн настан кој го организираме покрај сите предизвици. Сакам да истакнам дека ја продолжуваме соработката со УГД и со студентите на Универзитетот - изјави директорот на НУ Завод и музеј, Митко Штерјов.

Во рамките на настанот Ликовната академија и Катедрата за архитектура одржаа изложба, а Техничко-технолошкиот факултет своја ревија. Во целиот настан главни „актери“ се студентите од трите факултети.

  • Насловот на целиот овој концепт е „Помеѓу личноста и просторот – (не)време“ и тоа е точно ова кое во моментот може да биде претставено онлајн. Проектот е поврзан со трите факултети. Со ваквиот начин на претставување е направен еден современ спој кој од овој момент натаму може да остане традиција на Универзитетот - изјави деканката на Ликовната академија, проф. д-р Катерина Деспот.

Во проектот учествуваа околу 50 студенти со свои дела, вкупно околу 100 дела од различен карактер. Изложбата можно е да биде поместена и во други градови во идниот период.

 

Објавено во Уметност

Студентите на Технолошко-техничкиот факултет при УГД – Штип направија несекојдневна презентација на нивните креации, преку видеоприказна и фотосесија работени на тема „Пандемизам (креативна приказна на една онлајн генерација)“.

Во услови кога се забранети јавни настани и е оневозможено физичко присуство на факултетот, менторот на студентите доц. д-р Сања Ристески одлучи креативната работа на студентите да ја презентира на еден несекојдневен начин – преку атипична видеоприказна во која студентите се главни актери/протагонисти - тие се носители на целата приказна, а воедно и дизајнери на облеката која е претставена во видеото.

  • Целта на колекцијата е преку несекојдневен видеозапис да ја пренесеме нашата порака, нашата „борба” со невидливиот непријател – пандемијата со ковид-19, бидејќи организирање на моден настан во овие услови на пандемија и полициски час е скоро невозможно... - вели доц. д-р Ристески.

Во креирање на колекцијата учествуваа 20 студенти од трета и од четврта година на насоката Дизајн  на текстил и облека на Технолошко-техничкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“. Дизајните беа работени како завршен испит по предметите Конструкција на облека и Моделирање на облека.

  • Идејата за оваа тема потекна уште пред една година кога студентите креираа заштитни маски наменети за донација, инспирирани од пандемијата со ковид-19 - изјави доц. д-р Сања Ристески.

Темата е насловена „ПАНДЕМИЗАМ (креативна приказна на една онлајн генерација)“ или сфатена како модно движење за време на пандемијата.

Студентите заедно со својот ментор на темата работеле од почетокот на минатиот семестар (октомври 2020 г.), за денес да биде достапна до јавноста преку креативно видео кое го изработија со техничка поддршка од Универзитетската телевизија.

 







 

Објавено во Уметност
Страница 1 од 36

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…