Од идеја до реализација

Невенка Ангова и Атина Дрвошанова
Студентки, IV година
Земјоделски факултет, НЦ Струмица
Во текот на животот, секоја индивидуа наидува на нови предизвици и крстосници кога треба да тргне по одреден пат и да го насочи текот на својот живот.

На тие крстосници сме водени од нашите желби и идеали. На осумнаесет години ние, како и сите млади луѓе, дојдовме до една од поважните крстосници во нашиот живот.
Прашањето беше јасно „Каде после завршување на средното образование?“ Пред нас имавме на распологање повеќе патишта. Вратите на најразлични факултети беа ширум отворени за нови интелектуалци. Предизвик кој многу млади сакаат да го остварат - да завршат академски студии и се разбира да го пронајдат своето вистинско место во општеството кое ќе биде во склад со сопствените можности, но и соништа.

Ние го направивме нашиот избор. Започнавме да студираме Земјоделскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Тогаш наидовме на мноштво нови прашања.

Зошто баш Земјоделски факултет? Не требаше долго да се бара одговорот прашањето. Семето е посадено во нас од раното детство, нашите родители со или без намера ја всадија таа желба во нас. Професија поврзана со растителниот свет, со сите процеси и промени кои се случуваат во него. Студирање факултет поврзан со природата, со изворот на храна и кислород на Земјата. Со тој избор мисламе дека направивме голем чекор во нашиот живот. Резултатот од овој избор после неколку години треба да ги храни нашите семејства, да ни обезбеди топол дом, мирен и спокоен живот. Имаме и соодветни услови за работа во оваа професија - нашата татковина е богата со плодни почви на која се одгледуваат различни култури.

Дојде и нашиот прв академски час. „Вие сте доктори на природата. Вашите пациенти секогаш ќе бидат неми, а нивните поседувачи ќе бараат помош од вас.”-зборови на наша ценета професорка, кои сите овие години одзвонуваат во нашите уши. Тој прв час ја научивме најбитната лекција од студирањето. „Оваа професија е благородна и не толку едноставна”- си рековме една на друга. Па потоа, заедно со огромно внимание и посветеност го следевме секое предавање. Одеднаш видовме дека сме дошле речиси на крајот од патеката и дека се ближи времето кога нашиот избор од пред четири години треба да ни овозможи да опстанеме, да ни даде егзистенција. Фаза во која растението треба да вроди плод.

Секојдневно земјоделците доживуваат сериозни стресови и високи материјални штети. Ниски откупни цени, застарена механизација, недостиг на едукација и инвестирање во нови технологии, оштетување на културите од штетници, природни катастрофи, несоодветно користење на пестициди и хербициди – секојдневие на секој земјоделец.

Со завршување на овие студии, нашата цел е да се поправи начинот на производство, состојбата во земјоделството, а со тоа и местото на земјоделците во општеството. Заедно со оние кои излегле од овој факултет и земјоделците да го кренеме земјоделието на едно повисоко ниво.

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…