Младите мислат дека марихуаната не треба да биде „забрането јаболко“, дел од професорите се против, ама велат треба да биде предмет во училиште!

Важно е марихуаната да престане да биде табу тема, и „забрането јаболко“ сметаат младите, откако прашањето за легализација на марихуаната стана актуелна тема на дебата во јавноста со многу поделени мислења. Дали, според младите, употребата на марихуаната треба да се легализира во целост?

-Народот треба правилно да се информира затоа што грешната информација води до разни конфликти. Легализирането на канабисот не само што ќе го катализира процесот на оздравување на безброј пациенти, исто така ќе придонесе за намалување на криминалот и црниот пазар. Така да, сметам дека треба да биде легализирана вели нашиот соговорник Коста Ристов кој има 21 година.

Колку повеќе младите се тргаат настрана од оваа тема, толку е поголема опасноста употребата на канабис за стане злоупотреба, вели Ристов.

-Младите илегално знаат да го користат канабисот заради адреналинот што го добиваат правејќи нешто забрането, сите знаеме дека забранетото јаболко е послатко. Не верувам дека има некој, барем од помладите,  во 21 век што не знае што представува канабисот т.е. марихуаната. Но, знам дека за жал има голем број коишто не се информирани за ефектот од неа, додава Ристов.

Според него, можеби во прво време по легализацијата користењето ќе биде силно зголемено, ама потоа кривата на употреба постепено ќе паѓа .

-Ако биде легализирана очекувам во почетокот да има големо зголемување на бројот на корисници, но во долготрајниот процес мислам дека кривата ќе падне понисоко од пред да биде легализирана, нагласува Ристов. 

Поголема штета отколку корист?

Професорката Катерина Сусинова од Средното општинско училиште ,,Коста Сусинов" во Радовиш, не мисли како Ристов. Според неа штетата од легализацијата ќе биде поголема отколку бенефитот.

- Не би било добро марихуаната да се легализира бидејќи на тој начин таа би им била подостапна на младите, кои тој период од нивниот живот сакаат да пробаат многу нешта и притоа не размислуваат за последиците. Во ред е легализацијата на марихуаната за медицински цели, но нејзината легализација за секојдневна употреба, особено во една мала земја како нашата, би имало повеќе штетни отколку корисни влијанија, вели Сусинова.

Сусинова: Се она што не создава реална слика за животот е бегање од реалноста

Професорката стравува дека зависноста од употребата кај младите нема да може да се спречи ако се дозволи легално.

- Секој може да си каже ‘Ајде, ќе пробам еднаш, зошто да не, па сите мои другари пушат марихуана, ништо нема да ми биде!’ Но, можеби тоа ‘еднаш’ нема да е само тогаш, можеби лицето ќе се навлече и ќе посака тоа да го прави почесто, а тоа понатаму би водело кон создавање зависност. И да, некој можеби ќе застане во одбрана на оние што конзумираат марихуана на дневна основа или на неделна основа, велејќи ‘Па, тоа не е штетно, баш е добро за организмот, те опушта, те релаксира, те прави да ги гледаш нештата појасно’. Но, сепак, сѐ она што ти создава нереална слика за вистинскиот живот е всушност бегање од реалноста, па така конзумирањето марихуана би ги водело младите до живеење живот кој всушност и не е таков каков што им изгледа, додава Сусинова.

Според неа младите не се доволно едуцирани на тема употреба и легализација на канабисот, па, иако се паметни и учат од интернет, сепак Сусинова порачува дека оваа тема заслужува сериозно посебен простор во образовниот концепт.

БИЛКА: Отпорот за легализација доаѓа од постарата популација, со марихуаната ќе се намали употребата на тешки наркотици

Невладините организации кои се борат за легално достапен канабис во било која смисла, тврдат дека придобивките по здравјето и животот на луѓето ќе бидат големи и повеќекратни. 

-Од кривично правен аспект ке има дестигматизација и декриминализација на консументите и пациентите, од медицински аспект ќе има соодветни и проверени производи на пазар, економскиот бенефит е неспорен, а е директен и индиректен преку туризам, и од социјален аспект се очекува намалување на употребата на т.н. тешки наркотици,  велат од невладината организација „Билка“.

Децидни се дека штети од легализацијата теоретски се можни, ама само ако неограничено се внесува, па може да се случи предозираност. Што се однесува пак до едукацијата на младите на тема марихуана:

-Не може со сигурност да се тврди бидејки нема релевантни истражувања, но со сигурност се многу поинформирани од повозрасните. Всушност, отпорот за легализација воглавно доаѓа од постариот дел од граѓаните кои живеат во друго време, сметаат од „Билка“.

Кристијан Трајчов,

Студент во трета година новинарски студии на

Универзитетот Гоце Делчев

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…