(ВИДЕО) Комуналците не можат да исчистат толку колку што луѓето може да извалкаат

Минатата година во Радовиш комуналците собрале над 10 илјади тони смет. „За комуналната хигиена во градот се грижат 25 луѓе, но тоа не е доволно“, вели директорот на комуналното претпријатие „Плаваја“ во Радовиш, Дејан Крстев. Тој истакнува дека за да се вработат нови луѓе се потребни пари, кои тие ги немаат. Од еколошките организации како виновници за нечистотијата ги посочуваат граѓаните, тие пак се свесни дека живеат во загадена околина и велат дека со казни можеби работите би се промениле.

 

Еколошката свест во Радовиш е на ниско ниво. Со децении на секакви недозволени места се гледа отпад, луѓето свесно фрлаат и за тоа не понесуваат никаква одговорност. Начинот на којшто може да се дојде до подобрување е ако сите заедно знаеме како да ја негуваме нашата околина и да се грижиме за неа. Институција којашто се грижи за чист град во Радовиш е Јавното претпријатие „Плаваја“. Директорот Дејан Крстев вели дека не можат сами да исчистат колку што луѓето можат да загадат.

Искршени клупи во парковите

За почист град се преземаат повеќе мерки од кои најзначајни се обновување на урбаната опрема во градот во делот на управување со отпад. Значи, поставени се повеќе контејнери на видни локации во градот каде што граѓаните слободно може да го фрлаат својот отпад. Тоа значи дека се набавени повеќе од 250 контејнери и тоа во последните 2 години. Од нив 120 се поставени во населените места, а останатите во градот Радовиш. Покрај овие, поставени се и контејнери за селекција на отпад кои бројат 15 и се поставени низ градот Радовиш. Исто така и кантите покрај секоја клупа, покрај реката, на кејот. Други мерки кои ги преземаме се подигнувањето на јавната свест којашто е најважна. Важно е да се работи на оваа свест уште од мали нозе, едуцирање на луѓето дека отпадот мора да се фрла, да се депонира на соодветно место, да биде селектиран“, вели директорот на јавното комунално претпријатие „Плаваја“, Дејан Крстев.

Неправилен начин на фрлање на отпадоците

Хигиената на градот се состои од повеќе сегменти, управувањето со отпад и чистење на јавните површини и одржување на зелените и други јавни површини. Вкупно за чистење на јавните површини ЈП има вработено седум луѓе, за одржување на парковите и зелените површини девет луѓе и во делот со управување на отпадот имаат десет вработени лица.

Со текот на годините овој број треба да се зголемува, меѓутоа тоа не се случува, туку едноставно се намалува. Причината за намалување е финансиската состојба и се надеваме на подобро време, поточно наскоро овие бројки да растат, односно да се дуплираат, а со тоа да се зголеми и процентот на исчистени површини во градот,  улици итн.“, вели Крстев.

Тој зборуваше и за буџетот на јавното претпријатие: ‚‚Претпријатието работи во согласност со програми донесени од Советот на Општина Радовиш и тоа Програмата за јавна чистота која по важност е некаде околу 7.000.000 денари. Во делот на одржување на паркови и зеленило и други јавни површини имаме програма којашто е со вредност од 5.200.000 денари и целата паѓа на товар на буџетот на Општина Радовиш‘‘, вели директорот на „Плаваја“.

Во градот постои и локална депонија и со неа управува ова претпријатие. Таа депонија постои од 1963 година, но директорот на ЈП нагласува дека таа е несоодветно изградена. Тој тврди и дека количината од околу 10.619 тони смет којашто се собира на годишно ниво според бројот на населението не е мала.

Фрлен отпад на патот кон планината Плачковица

Од Еколошкото друштво „БИОС“ во Радовиш посочуваат дека виновници за нечистотијата во градот се луѓето. На оваа тема разговаравме со Кире Јанковски, член на ова друштво, кој вели дека нечистотијата во Радовиш се должи на многу фактори, а најчесто тоа се луѓето.

Секогаш поаѓам од перцепцијата што и колку ние правиме да го гледаме, чувствуваме, дишеме, слушаме, тоа што ни е непријатно. Нечистотијата во нашиот град може да се забележи на повеќе места, се разбира квантитативно некаде повеќе, а некаде помалку во зависност од навиките на локалното население, каков вид отпад и какви начини од ослободување на непотребните средства и материјали вршат луѓето. Голема нечистотија може да се забележи во објектите од јавен интерес, јавните институции, установи, дали се тоа училишта, градинки, здравствени домови, каде што и луѓето коишто ги употребуваат тие објекти секојдневно, но и луѓето коишто повремено влегуваат во нив водат мала грижа или воопшто не водат грижа за тоа каде и на кој начин го депонираат тој цврст материјал‘‘, вели членот на друштвото БИОС, Кире Јанковски.

Честа глетка покрај кејот на Стара (Радовишка) Река

Тој вели дека локалната власт се обидува да води грижа за околината и делумно успева во тоа, некогаш повеќе, некогаш помалку, но секогаш има место нешто да се подобри.

‚‚Мислам дека е време локалните власти да соберат сили не само во нашата општина, туку и во соседните општини да се интензивира таа соработка, да се најде некое решение за регионално поврзување и собирање на тој отпаден материјал каде што ѓубриштата од сите овие општини, вклучувајќи ја и нашата, ќе се транспортира и ќе се третира на соодветен техничко-технолошки начин. Кога тоа би се случило длабоко сум убеден дека на многу подобар начин, ефикасен пред сѐ, отпадот ќе се носи на место каде што ќе биде заштитен и ќе има техничко-технолошки процес со компетентни луѓе. Инаку, пак ќе кажам, во последниот период комуналната служба прилично солидно или добро ја врши својата работа, но се разбира секогаш има простор за повеќе и за подобро“, вели Јанковски.

Тој вели дека невладините организации ја подигаат свеста кај луѓето преку апелирање и создавање на атмосфера кај населението да се зголеми потребата за зачувување на животната средина.

Нечист воздух - честа појава

‚‚Попусто јас ако денес го соберам ѓубрето што сум го фрлил вчера или да закажам собирање на ѓубре задутре на тоа што планирам утре да го фрлам, поентата е колективна промена на нивото на свест за овие еколошки прашања‘‘, вели тој.

Направена e и анкета на граѓани од општината и тие вината ја гледаат прво во луѓето, но и во одговорните институции. Тие велат дека секој ден наидуваат на расфрлен смет од несовесни граѓани, па и по акциите од страна на јавното претпријатие, за кратко време повторно е загадено со секаков вид на ѓубре.

Затоа сметаат дека санкциите можат да помогнат во решавањето на овој проблем и на тој начин да се допре до свеста кај луѓето. Потенцираат и дека треба да има повеќе дебати во кои ќе се вклучи граѓанскиот сектор за подигнување на свеста кај луѓето.

Жителите сметаат дека еколошката свест мора да се подигне и само на тој начин ќе имаме чиста околина. Тие велат дека тоа се прави уште од раните фази во образованието на секое дете и дека клучот лежи во едукација на младите. Потенцираат дека секој човек треба да биде доволно свесен и одговорен за чиста животна средина.

Смет во строгиот центар на градот од несовесни граѓани

Кучиња скитници - дел од виновниците за нечист град

Секојдневна глетка во Oпштина Радовиш


Текст на Кристијан Трајчов, студент на медиумски студии и односи со јавност,

изработен во рамки на предметот Медиуми и општество

Ментор: Проф. Д-р Андон Мајхошев

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…