[ИНТЕРВЈУ] Проф. Тамара Јованов: Дејноста на работењето е клучен фактор за претпријатијата погодени од пандемијата

Дали компаниите се погодени од оваа ковид криза или не зависи од тоа во која дејност работат, вели Тамара Јованов, вонреден професор на Економскиот факултет при УГД Штип. Таа зборуваше за влијанието на пандемијата врз микро и малите претпријатија.

‚‚Најголем дел од регистрираните микро и мали компании кај нас се во дејноста на трговија на мало и големо, преработувачка индустрија, услужни дејности и стручни, научни и технички дејности, кои поради природата на мерките за спречување на ширење на вирусот несомнено беа дел од силно погодените сектори (индустриско производство, угостителство, трговија и транспорт). Така на пример, најголемо намалување на бројката на компании имаме во секторот други услужни дејности (15.2%, односно за 911 субјекти), додека пак секторите дејности на здравствена и социјална заштита и информации и комуникации бележат зголемување на бројот на активни деловни субјекти за 1.9% и 1.4%, респективно. Овие сектори, независно од големината на компаниите во нив, забележаа и зголемување на приходите од работењето‘‘.

Проф. Јованов напомена дека компаниите кои имаа соработка со повеќе различни пазари, кои имаа подиверзификувано и пошироко портфолио на производи, кои ги следеа трендовите на дигитализација на работењето, кои имаа изградено силни мултидисциплинарни тимови (наспроти правење сѐ сам или преку штетното микро менаџирање), кои имаа поголема база на лојални потрошувачи и повеќе различни извори на финансии, кои подобро ги познаваа правните легислативи и можеа полесно да ги следат, поминаа многу подобро во кризата во споредба со компаниите кои немаа изградено значителна конкурентска предност на пазарот.

‚‚Овде доаѓаме до некои од клучните проблеми за микро и малите компании, генерално, не само во рамки на кризата, кои се неминовно поврзани со недостатокот од знаење од областите на менаџмент, маркетинг, продажба, однесување со потрошувачи, финансии и сл. Потребно е со тек на време сопствениците на овие компании преку едукација, како на вработените, така и сопствена, да го надминуваат јазот во знаењето, за да можат подобро да планираат и  управуваат со компаниите и да овозможат нивен развој и раст.

Националните економии, на глобално ниво, беа погодени и на страната на понудата и на страната на побарувачката. Владите пробаа да се справат со кризата преку т.н. One size – fits all мерки, заради брзината со која требаше да бидат донесени и масовноста на нивниот опфат. Нашата Влада се соочи со истиот предизвик на кој во тек на целокупното траење на кризата до денес одговорија со пет пакети на мерки.

Генерално, мерките беа сочинети од комбинација на елементи креирани да ги ублажат загубите (социјален карактер) и да стимулираат економско закрепнување (развоен карактер). Мерките со варијација по пакети беа сочинети од следниве елементи: привремено и условено субвенционирање придонеси, одложување на обврските за аконтативна уплата на даноци, бескаматни кредити за микро, мали и средни претпријатија од Развојната банка, препораки за реорганизација на производството и транспортот, финансиска поддршка на претпријатија за исплата на (минимална) плата од 14500 денари, репрограмирање на кредити, ограничувања на исплати на плати и надоместоци за одредени категории граѓани (пратеници, членови на управни и надзорни одбори итн.), платежни картички за нискодоходни граѓани и др.

Во мерките и нивната имплементација има и позитивни и негативни аспекти во поглед на повеќето елементи.

На пример, на страната на позитивните аспекти е мерката за поддршка на претпријатија за исплата на (минимална) плата од 14500 денари, бидејќи на тој начин се зачуваа работни места и се амортизираше порастот на невработеноста. Но, клучна грешка беше што тие средства не се исплаќаа директно на вработените, поради што се јави голема можност за злоупотреба и неисплаќање на средствата, што го направиле, од различни причини околу 181 компанија. Дали ќе има законски импликации, останува да видиме, но штетата е направена – работниците не добиле ни минимални средства за живот, во страшна криза, во која беше загрозена не само финансиската состојба, туку и здравствената состојба, а за многумина, за жал и животот“.

Очекување на брз раст на економијата

Професорката вели дека предвидувањата за заздравување од оваа криза на глобално ниво се прилично оптимистични, во насока на очекуван брз подем на компаниите и раст на економијата. Секако, брзината на справување со пандемијата, а со тоа и заздравување на економијата значително ќе се разликуваат од една до друга земја, со предност на страната на развиените економии.

Оптимизам помеѓу експертите постои од повеќе причини, по кои оваа криза се разликува од претходните (финансиски кризи):

- Причинителот е вирус (без оглед на потеклото), а не финансиска катастрофа (рецесија како резултат на преголеми задолжувања или преголема инфлација). Ваквата криза иако привремено ја запира економската активност, сепак не влијае суштински на текот на побарувачката и понудата на добра и услуги. И покрај тоа што се изгубени работни места, сепак поголем дел од потрошувачите привремено не трошат повеќе од страв од вирусот, отколку од страв од загуба на работното место, а некои сектори – прехранбената индустрија, трговијата со електронски уреди и бела техника, фармацевтската индустрија и др. покажуваат и дека цело време имале стабилна или зголемена побарувачка.

- Зголемени заштеди кај дел од населението и стабилност кај финансискиот сектор. Дел од населението чии работни места беа во сектори кои не беа значително погодени од кризата или можеа полесно да се адаптираат на нови услови на функционирање (работа од дома) имаат поголеми заштеди поради намалените можности за купување на добра и услуги во рамки на кризата. Според тоа, се очекува со завршување на пандемијата и да трошат повеќе од претходно. Дополнително, финансискиот сектор имаше големи заработки во текот на кризата и имаат голема можност за позајмување на пари, за потребите на приватниот сектор или индивидуите.

- Брзото враќање назад кон ҆нормала҆ и подобра состојба, секако, зависи и од внатрешни фактори, како што е умешноста на менаџирање од страна на сопствениците на компаниите, како и нивните цели и бизнис моделот. Затоа, можеме да кажеме и дека за многу бизниси, успешното заздравување ќе биде пред сѐ индивидуално патешествие и искуство“, завршува таа.

Продолжението на текстот заедно со информации добиени од истражувања ќе бидат објавен следната недела. 

Кристијан Трајчов, студент на Медиумски студии и односи со јавноста

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…